Папата Лав XIV ги повика младите храбро да се соочат со неизвесностите на современиот свет, да ги негуваат вистинските човечки односи и да размислуваат за брак и семеен живот, за време на вториот ден од неговата посета на Уругвај.

Обраќајќи им се на околу 70.000 луѓе на историскиот стадион „Сентенарио“ во Монтевидео, поглаварот на Римокатоличката црква вчера говореше на молитвено бдение на кое присуствуваа илјадници млади. Осврнувајќи се на сè поголемата изолација поврзана со дигиталната ера, папата Лав предупреди дека виртуелните интеракции не можат да ги заменат вистинските човечки односи.

– Ништо не може да го замени вистинскиот човечки контакт – рече тој, повикувајќи ги младите да не се изолираат во површниот свет што го нудат екраните и алгоритмите и да се гледаат во очи и непосредно да ги споделуваат тешкотиите. Папата изрази загриженост поради сè поголемата секуларизација и намалениот интерес за религијата, повикувајќи ги млади Уругвајци храбро да стапуваат во брак и да создаваат семејства, наместо на децата да гледаат како на товар.

За време на средбата со академици, студенти и претставници на образовниот сектор на Католичкиот универзитет на Уругвај (УЦУ) во Монтевидео, папата ја истакна потребата училиштата и универзитетите да промовираат одговорна употреба на новите технологии и вештачката интелигенција (ВИ), ставајќи го човекот пред алгоритмите.

Папата Лав го посети и квартот Касавале, една од најсиромашните населби во Монтевидео, каде што ја посети црквата „Пресвета Богородица од Гвадалупе“ и повика на поголеми напори за заштита на децата од ранливите категории. – Во земја богата со ресурси како Уругвај, ниту едно дете не треба да си легнува гладно или да биде лишено од правото на пристојно образование и достоинствена иднина – рече тој, додавајќи дека ниедно дете не смее да биде изложено на насилство. Подоцна, тој ненајавено го посети домот за стари свештеници „Монсињор Хасинто Вера“.

Вториот ден од посетата опфати и голема миса на отворено во паркот „Париз Лондон“ во градот Пајсанду, во близина на границата со Аргентина, на која присуствуваа 40.000 верници. За време на богослужбата, Лав ја прифати традиционалната уругвајска култура на пиење мате, користејќи го овој пијалак како симбол на братството, зближувањето и солидарноста.

Во меѓувреме, Аргентина го подигна нивото на безбедносна тревога на највисок степен пред денешната посета на папата, подготвувајќи досега невидена безбедносна операција.

фото: Архива