Соединетите Американски Држави нудат награда до 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма, објави американската влада на својата интернет-страница.
„Програмата ’Награди за правда‘ нуди награда до 20 милиони долари и можност за преселување за информации за иранската нуклеарна програма, вклучувајќи ги нејзините постројки, опрема и поврзаниот персонал, како што се научниците, како и за преместување на која било од наведените работи“, се наведува на интернет-страницата на програмата.
Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ), надлежна за воените операции на Блискиот Исток, исто така ја објави информацијата за наградата на социјалната мрежа Икс.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати истакна дека спречувањето на Иран да развие нуклеарно оружје е една од клучните цели на војната против таа земја. Белата куќа претходно соопшти дека неколку ирански нуклеарни постројки биле „целосно уништени“ во нападите извршени во јуни 2025 година, но некои експерти подоцна предупредија дека Иран можеби преместил барем дел од својот нуклеарен материјал на безбедно место пред нападите.
фото: архива




