Полисата за осигурување на бродот „Титаник“ ќе биде понудена на аукција во Велика Британија кон крајот на ноември, а се очекува да достигне цена од 50.000 фунти (околу 60.000 евра).
Единствениот познат примерок од полисата за осигурување на трупот на бродот, кој се однесува на периодот на неговите пробни пловења, ќе се најде на аукција во куќата „Хенри Олдриџ енд сан“ во Девајзис, во грофовијата Вилтшир, на 21 ноември, пренесе Би-би-си.
Полисата, издадена од компанијата „Атлантик мјучуал иншуранс“, еден од главните осигурители на „Титаник“, обезбедувала покритие за челичниот труп на бродот во вредност од 100.000 долари.
Документот е потпишан на 27 март 1912 година, само 19 дена пред бродот да потоне за време на своето прво патување кон Њујорк. Во несреќата на „Титаник“ животот го загубија 1.500 луѓе кои се наоѓаа на него. Сумите предвидени со полисата беа исплатени во рок од 30 дена по потонувањето на бродот.
Се проценува дека овој документ на аукцијата би можел да достигне цена помеѓу 30.000 и 50.000 фунти.
Полисата, чија вредност денес би изнесувала околу 3,5 милиони долари, обезбедувала осигурување во траење од една година, со почеток на важење од 30 март 1912 година.
Компанијата „Атлантик мјучуал иншуранс“, која ја издаде полисата, исто така одигра значајна улога во решавањето на барањата за отштета што произлегоа од загубите по терористичките напади на 11 септември во Њујорк, потсетува Би-би-си. На компанијата на крајот ѝ беа одземени дозволите за вршење осигурителна дејност, а во 2011 година беше покрената постапка за нејзина ликвидација. (МИА)




