Митровден бил домашната слава на светите Кирил и Методиј во домот на нивните родители во Солун. Семејството на Лав и Марија го имале свети Димитриј Солунски за личен и домашен празник и закрилник. Четири века по него, Лав ја извршувал истата должност – военоначалник на Солун и со должна почит го прославувал неговиот свет претходник. Свети Димитриј бил нивната икона до кандилото во домот и пред Бога.
Потоа, свети Методиј го имал за свој заштитник и покровител својот сограѓанин, солунјанинот свети Димитриј. Во ова продолжување на празникот, постои и одредена сличност и блискост меѓу двата лика. Имало особени причини. Прво, како најстар син продолжил да го чествува семејниот празник, а второ, и Методиј бил исто така воен началник. Трето, и двајцата се од Солун, а четврто – биле и од сродни фамилии со воена служба. Татковците им биле воени началници во Солун, а и тие ја извршувале таа дејност: Димитриј бил во Солун, а Методиј во Брегалничко-струмичката област – Стримон.
Свети Димитриј бил пример за Христов војник во очите на младиот Методиј, а Методиј, пак, му бил мил на светителот и на Бога, па Бог и Светителот секогаш му ја давале помошта и заштитата што ја барал од нив. Зар можел да најде посоодветен покровител од својот светител кому маките му ги кажувал како на оној што ги знае и што ги познава: и луѓето, и местата, и проблемите, и битката што треба да се извојува за Христа и за верата?
Силен, воинствен, неустрашив генерал му требало на свети Методиј за да ја извојува победата на крстот над мечот, и во Македонија и во Моравија. Воин којшто не се надева на кнезовите од овој свет, туку на царот Христос и којшто не го бара царството од овој свет, туку царството небесно и спасението на душите.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски за МИА




