Во пресрет на храмовата слава, вечерва во параклисот „Свети Великомаченик Димитриј“ во населбата Трајаново Трло во Кочани се одржа празнична вечерна богослужба со петолебие, на која присуствуваа голем број верници од населбата, но и од другите делови на градот.

Со молитва, вера и заедништво, присутните заеднички го одбележаа почетокот на празнувањето на светецот-заштитник на параклисот.

По завршувањето на богослужбата беше организирана донаторска вечера со храна и музика, која продолжи во духот на дружењето, солидарноста и заедничката грижа за храмот. Средствата собрани од донаторската вечера ќе бидат наменети за поставување камен-темелник на камбанаријата со што ќе се направи уште еден значаен чекор во уредувањето и доизградбата на овој верски објект.

Главните празнувања на Свети Димитриј во Кочани продолжуваат утре, недела (8 ноември), кога со почеток во 08:00 часот ќе биде отслужена Света Божествена литургија.

По литургијата ќе следуваат кревање на славскиот колач и делење традиционален манастирски ручек.