Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе учествува на Лидерскиот самит во рамките на 31. Конференција на страните (COP31) на Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени, што се одржува во турскиот град Анталија.
Предвидено е претседателката да се обрати на првата пленарна сесија за шефови на држави и влади, како и на дијалогот на високо ниво, посветен на транзицијата кон чиста енергија и електрификацијата. Таа ќе и билатерални средби со дел од учесниците на самитот.
Во составот на македонската државна делегација што ја предводи Сиљановска-Давкова, се и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
На конференцијата во Анталија учествуваат претставници на 196 земји, меѓу кои и 37 шефови на држави, 35 шефови на влади, осум потпретседатели, седум заменици-премиери, двајца престолонаследници, еден принц, еден претседател на парламент и четворица специјални претставници.
Светските лидери, претставници на владите и меѓународните организации ќе разговараат за актуелните климатски предизвици, унапредувањето на глобалната климатска акција и зајакнувањето на меѓународната соработка во справувањето со климатските промени.
Учеството на македонските претставници претставува можност за афирмирање на државните приоритети во областа на животната средина и климатските политики, размена на искуства и унапредување на соработката со меѓународните партнери во насока на забрзување на зелениот пресврт и исполнување на климатските цели.
Конференцијата (COP) е највисокото тело за донесување одлуки во рамките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), усвоена во 1992 година.




