ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „Алта банка“ немала забрана за работење во Европската Унија и дека случајот со нејзиниот удел во „Адико банка“ се однесувал на суспензија на гласачките права поради ненавремено пријавување акционерски удел.

Според партиското соопштение, „Алта банка“ поседувала 9,63 отсто од акциите во „Адико банка“, а компанијата „Дипломат пеј“ имала удел од 9,99 отсто. ВМРО-ДПМНЕ наведува дека во август 2024 година австрискиот регулатор им ги суспендирал гласачките права, откако утврдил дека двете компании дејствувале заеднички и заедно стекнале квалификуван удел од 19,62 отсто без претходно известување.

„Станува збор за прекршочна санкција, односно регулаторна постапка поврзана со ненавремено пријавување на стекнат удел, а не за забрана за работење на Алта банка во Европската Унија од страна на Европската централна банка“, се наведува во соопштението.

Партијата додава дека „Дипломат пеј“ го продала својот удел на австриски инвеститор во декември 2024 година, а во февруари 2025 година била укината суспензијата на гласачките права на „Алта пеј“ во „Адико банка“. Според ВМРО-ДПМНЕ, со тоа било утврдено дека повеќе не постојат услови за заедничко дејствување меѓу компаниите.

Од партијата оценуваат дека овие околности ги побиваат тврдењата на СДСМ и Венко Филипче дека банката имала забрана за работа во ЕУ. „Банката немала никаква забрана за работа од Европската Унија“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека немало основ „да ѝ се забрани влез во Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека ја претставува регулаторната постапка како забрана за работа и дека со тоа создава страв кај граѓаните. Во соопштението партијата ги спомена и мигрантите, водата за пиење во Скопје, пензиите, ИПАРД-програмата и извештајот на Томас Вајц како други теми за кои, според неа, СДСМ ширел „хаос и несигурност“.