Македонија го освои првиот златен медал на Европското кик-бокс првенство за сениори во Скопје, откако Нелсон Узеир славеше во финалната борба против српскиот претставник Милош Даковиќ со 2-1.
Узеир уште еднаш ја покажа својата храброст, борбеност и пожртвуваност, максимално влегувајќи во секоја размена и заслужено стигнувајќи до најголемиот успех во својата досегашна кариера. Со оваа победа, тој се искачи на европскиот врв и донесе голема радост за македонскиот кик бокс.
Претходно, Силвио Мировски не успеа да се закити со златото, откако во финалето загуби од Црногорецот Немања Чадењовиќ со 1-2, па мораше да се задоволи со сребрениот медал.
Македонската репрезентација го завршува шампионатот со вкупно девет медали – еден златен, два сребрени и шест бронзени.
Покрај европскиот шампион Нелсон Узеир, сребрени медали освоија Силвио Мировски и Стефан Михајловски, додека бронзените одличја им припаднаа на Петар Велков, Наум Додевски, Марија Димовска, Теа Велковска, Викторија Варадинова и Анастасија Јанчевска.




