Топлата вода што непрекинато тече од чешмите во срцето на бугарската престолнина е едно од препознатливите обележја на Софија, град кој под своите улици крие едно од своите најзначајни природни богатства – минералните извори.

Сликата пред чешмите е речиси секојдневна. Додека едни брзаат кон своите работни места, други застануваат покрај централните минерални чешми, полнат шишиња или, едноставно, доаѓаат да се напијат од водата, која со децении е дел од секојдневието на жителите на овој град. Некои доаѓаат со неколку големи пластични канистри, други со помали шишиња, а има и такви што од трамвајот слегуваат токму со намера да наполнат вода пред да продолжат понатаму.

За некого тоа е редовна неделна обврска, за друг навика што ја наследиле од семејството, а за трети можност да се освежат во центарот на градот.

„За разни болести е добра“, вели еден од граѓаните, кои редовно доаѓаат да полнат вода. Тој објаснува дека постојано ја користи и упатува на информативната табла поставена покрај чешмите, на која се наведени својствата и намената на минералната вода.

За постарите жители, полнењето вода понекогаш е и физички напор, но навиката е посилна од неудобноста.

– Тешко ми е да ги влечкам тубите, но навикната сум на оваа вода. Доаѓам со трамвај – раскажува една повозрасна жена, која и покрај тежината на канистрите редовно го поминува истиот пат до чешмите.

Некои минувачи застануваат за кратко, ги подметнуваат дланките под чешмата и се напиваат, други полнат шише за пат, а трети внимателно ги редат наполнетите туби подготвувајќи се за враќање дома.

Она што го прави ова место посебно е токму таа секојдневна слика – луѓе од разни генерации, со разни потреби, но со иста дестинација. Без оглед дали доаѓаат пеш, со автомбил, со јавен превоз или поминуваат случајно, минералните чешми се дел од рутината на многумина жители на Софија.

Централните минерални бањи, со својата впечатлива структура и историја, се потсетник дека Софија е град изграден и врз богатството на минералните извори. Она што некогаш било поврзано со лекување, одмор и бањска култура, денес продолжува да живее преку јавните чешми, каде што водата е достапна за граѓаните.

И можеби токму во тоа е особеноста на ова место. Додека градот се менува, се градат нови згради, се отвораат кафулиња и се забрзува секојдневието, покрај старите чешми останува една едноставна навика – да се дојде, да се наполни вода и да се продолжи понатаму.

Но зад оваа секојдневна навика стои и природно богатство со специфичен состав. Според информациите на таблата поставена покрај чешмите, минералната вода од наоѓалиштето „Софија – Центар“ доаѓа од природен извор, а нејзината температура изнесува 46 Целзиусови степени. Вкупната минерализација е 27 милиграми на литар, а водата содржи хидрокарбонати, сулфати, натриум и други минерални состојки.

Овие карактеристики се наведени и во податоците на бугарството Министерство за туризам, каде што се додава и дека водата од централниот извор е хипертермална, алкална и со pH-вредност 9,3.

На информативната табла е наведено дека водата се користи за пиење во рамките на балнео-лекување и балнео-профилакса, при стомачно-цревни, жолчно-црнодробни, бубрежно-уролошки и метаболистички заболувања. Истовремено, поради содржината на флуор на 1,5 милиграм на литар, не се препорачува за секојдневна употреба кај доенчиња и деца до седумгодишна возраст.

Според податоците од анализата на општинското претпријатие „Софијаплан“, мерењата во септември 2020 година покажале проток од 12,5 до 13,4 литри во секунда. Од тоа количество, речиси четири литри во секунда стигнуваат до јавните чешми. Тоа значи дека при непрекинат проток во текот на 24 часа граѓаните имаат на располагање приближно 345 илјади литри минерална вода дневно.

Зад секоја слика на граѓаните што полнат вода стои и систем на здравствена контрола. Според информациите на Регионалната здравствена инспекција, минералните води на местата на користење, вклучително и јавните чешми, се испитуваат микробиолошки еднаш на три месеци. На одредени пунктови, поради големиот број корисници и значењето за јавното здравје, контролата е почеста – еднаш месечно или на секои два месеци.

Во непосредна близина на централните минерални чешми се наоѓа и зградата на некогашните централни минерални бањи, денес дом на Регионалниот историски музеј на Софија.

Со својата впечатлива архитектура, шарената фасада, куполите и декоративните детали, објектот е еден од препознатливите симболи на градот. И токму околу ова историско здание, во неговото опкружување, распоредени се минералните чешми – илјадагодишно богатство што и денес ги собира граѓаните и привлекува голем број туристи.

Така, на едно место се испреплетуваат минатото и сегашноста – од времето кога минералните извори биле основа за развој на бањската култура во Софија до денешните секојдневни навики на граѓаните да доаѓаат да наполнат вода. За туристите, ова е дел од историското и архитектонското наследство на градот, а за локалното население, пред сè, место со кое се поврзани нивните секојдневни потреби и навики.

За некого тие се дел од историјата на Софија, за друг туристичка атракција, но за многумина жители на бугарската престолнина минералните чешми се многу повеќе – место на кое редовно се враќаат за повторно да понесат дел од природното богатство на својот град.

Ова е приказна што тече буквално од градските чешми на Софија. И никогаше не престанува.

Пандорка АРСОВСКА-ГАЦОВА за МИА