Две лица загинаа, а 60 се ранети во руски напад врз Криви Рог, осмиот најголем град во Украина и родниот град на претседателот Володимир Зеленски, објавија денеска локалните власти. Седумгодишно дете и 20-годишно девојче загинаа во синоќешниот напад, напиша на Телеграм Олександр Вилкул, шефот на градската администрација.
Шефот на регионалната воена администрација, Олександр Гања, изјави дека 60 лица се ранети, вклучувајќи шест деца.
Нападот предизвика четири пожари и оштети околу 25 станбени згради, болница, училишта и индустриски објект, како и деловни простории и возила, рече Вилкул.
На други места во Украина, 11 лица, меѓу кои и две деца, беа повредени кога руски дрон нападна петкатна станбена зграда во регионот Харков, соопштија денеска украинските служби за итни случаи. Според таа служба, едно лице е рането во рускиот напад врз Киев.
Руските локални власти објавија дека во нападите со украински беспилотни летала се повредени три лица во пограничните области Брјанск и Белгород.
фото: Архива




