Лекарската комора најостро го осудува физичкиот напад врз доктор и медицинска сестра пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, што се случил на работно место додека ги извршувале своите работни задачи.
Ваквите акти на насилство врз здравствените работници се апсолутно неприфатливи и претставуваат директен напад врз сите оние кои секојдневно, со посветеност и професионалност, се грижат за здравјето и животот на граѓаните. Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност и нарушено достоинство“, наведуваат од Лекарската комора на нејзината фејсбук страница.
Во реакцијата се наведува дека Лекарската комора постојано апелира дека физичкото и вербално насилството не смее да биде начин за решавање на какви било состојби или недоразбирања во здравствените установи.
Бараме Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни органи итно и целосно да го расчистат случајот и најстрого да ги санкционираат сторителите, во согласност со законските одредби со кои нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност се третира како кривично дело, напад врз службено лице, за кое е предвидена и казна затвор до пет години. Истовремено, Комората ќе обезбеди целосна правна и психолошка поддршка за повредените колеги и очекуваме од сите здравствени установи и надлежни институции да преземат дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста на работните места на здравствените работници“, стои во објавата.




