За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, односно околу 663 милиони евра, со што се создава финансиска основа за реализација на значајни инфраструктурни проекти и подобрување на условите за живот и работа на граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Значаен дел од планираните средства се насочени кон изградба и модернизација на патната инфраструктура. Преку Јавното претпријатие за државни патишта, се планирани дополнителни 18 милијарди денари инвестиции, од кои над 12 милијарди денари се наменети за изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, во рамки на стратешките коридори 8 и 10д.
Паралелно, ќе продолжи реализацијата и на автопатските делници Кичево – Охрид, Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце, кои се од особено значење за подобрување на регионалната поврзаност, зголемување на безбедноста во сообраќајот и олеснување на транспортот на стоки и услуги.
Дополнителен приоритет во Буџетот за 2027 година е развојот на железничката инфраструктура, за што се предвидени 6,2 милијарди денари, што е раст од скоро 54% во однос на претходната година со што ќе продолжи изградбата на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, а планирани се и активности за делницата Крива Паланка – границата со Бугарија.
Покрај транспортната инфраструктура, значајни средства се насочуваат и кон подобрување на комуналната инфраструктура и заштитата на животната средина, при што продолжуваат активностите за реализација на пречистителните станици во Скопје, Тетово и Битола, а планирани се и проекти во Велес, Штип и Виница.
Поддршката на економскиот развој останува еден од клучните приоритети, при што за владината програма „Економски развој“ во 2027 година се предвидени 9,7 милијарди денари, што е зголемување од 30,5% во споредба со 2026 година кои ќе бидат насочени кон поттикнување на инвестициската активност, привлекување нови инвеститори и создавање подобри услови за раст и развој на домашните компании.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со одговорно управување со јавните финансии, зајакнување на економската стабилност и создавање поволна клима за нови инвестиции, развој на домашното стопанство и отворање нови работни места.




