Најверојатно ќе одиме со два специјални закони во Парламентот кои што веќе се работат. Министерството за транспорт и мојот кабинет ги работат законите. Првиот закон, во кој што брачните парови до 35 години ќе се стекнат со право да добијат станбен простор кој ќе биде по цена од 20 % пониска од онаа просечната, пазарската, во таа катастарска општина, истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.

-Утрово разговарав и со директорот на Катастар, тие изготвуваат таков тип на анализа, за третиот квартал е завршена. Го задолжив, во текот на денот ме информира каква е состојбата во првите три квартали од годината и очекувам многу скоро да ја добијам оваа анализа. Ќе можеме и јавно да објавиме каква е состојбата со катастарските општини, онаму каде што има продадена новоградба на станбени единици и потоа граѓаните ќе можат, оние кои ги исполнуваат условите согласно критериумот да си прават калкулации, планови во иднина, рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека тоа ќе биде специјален закон кој наскоро ќе се најде пред пратениците.

-Вториот специјален закон е законот во кој општините на овој профил брачни парови нема да наплатат комуналии за изградба на куќа. Голем дел од градоначалниците ми се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земја, сакаат да ја урбанизираат, парцелизираат, да ја понудат, што е добро. Јас сум убеден дека овие два закони и овие две мерки ќе вродат со плод и ќе се олесни домувањето кај овој профил на брачни парови, рече Мицкоски.