Литванскиот министер за надворешни работи, Кестутис Будрис, повика Европската Унија да го прогласи руската воена разузнавачка служба (ГРУ), за терористичка организација, во услови на зголемен број бројот напади и саботажи, јави агенцијата ДПА.
„ГРУ ги тероризира европските општества, носителите на одлуки и поединечни граѓани“, се наведува во изјавата на Будрис објавена во денешното издание на германскиот весник „Велт“. Тој посочува дека литванските разузнавачки служби идентификувале лица одговорни за конкретни операции и дека судовите во земјата донеле пресуди во поврзани случаи.
Будрис оцени дека слични правни мерки би можеле да бидат преземени и во Германија, посочувајќи го „обидот за напад на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август, кога во близина на украински товарен авион беше пронајден дрон со експлозив“.
Во Литванија во моментов пет лица се изведени пред суд под обвинение за тероризам, откако против нив биле поднесени обвиненија дека испратиле пратки во форма на пакети во кои имало импровизирани експлозивни направи. Се претпоставува дека операциите биле организирани од лица поврзани со ГРУ.
Литванските власти поднеле обвиненија и против неколку лица за обид за подметнување пожар и вандализам, за кои постојат сомневања дека биле извршени по налог на ГРУ.
Руската разузнавачка служба повеќепати била обвинувана за улога во спроведувањето слични операции во западните земји, забележува ДПА.
Будрис изјави дека Русија треба да разбере дека нејзините дејствија против западните земји веќе не претставуваат само хибридна војна, туку неконвенционална војна, која потенцијално би можела да го достигне прагот за активирање на Членот 5 од Северноатлантскиот договор.
Според Членот 5, вооружен напад врз една или повеќе земји членки на НАТО се смета за напад врз сите, што ги обврзува сојузниците да си пружат меѓусебна помош.
Литванија, која граничи со руската балтичка енклава Калининград и со Белорусија, е меѓу најгласните поддржувачи на Украина во одбраната од руската инвазија. Балтичката држава повеќепати предупредувала на зголемување на заканата од руски шпионски и диверзантски операции, забележува ДПА.
фото: архива




