Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) усвои на денешната седница стратегија за развој на македонскиот фудбал со која се дефинираат долгорочните приоритети и развојни цели на федерацијата за периодот од 2027 до 2031 година.
Стратегијата, насловена „Време е за фудбал“ е подготвена врз основа на анализа на актуелната состојба, консултации со клучните чинители во фудбалската заедница и насоките за развој на фудбалот на УЕФА и ФИФА.
Развојната рамка, како што соопшти ФФМ, се темели на четири столба, грасрут фудбал, елитен фудбал, женски фудбал и општествено-економска одржливост, а нивната реализација е поддржана од три клучни предуслови: инфраструктура, комерцијални активности и маркетинг, како и организациски развој.
Со усвојувањето на стратегијата „Време за фудбал“ 2027-2031, поставуваме основа за координирано планирање, спроведување и следење на развојните процеси, со фокус на зајакнување на институционалните капацитети, создавање подобри услови за работа и остварување одржливи и долгорочни резултати во македонскиот фудбал“, соопшти ФФМ.




