Неделата останува неработен ден за сите граѓани. Владата е против тоа недела да се тргне како неработен ден и тоа сме го кажале неколку пати, изјави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од СДСМ, Дурмиши нагласи дека Владата е против укинување на статусот на недела како неработен ден и дека евентуалните иницијативи кои би пристигнале од бизнис-заедницата ќе бидат разгледувани во рамки на Економско-социјалниот совет.
– Кога и да е да се отвори како тема, ќе се дискутира. Но, недела да се тргне како неработен ден – сме против тоа, сме кажале неколку пати, значи недела останува неработен ден за сите граѓани. Ако едно такво барање, дојде од Стопанската комора, секако дека ќе се отвори во Економско-социјалниот совет и ќе се расправа. Таму има 12 членови и секој ќе искаже нивен став. Нашиот став како министерство е дека недела останува неработен ден, освен во некои сектори каде во недела имаат потреба да работат, но недела е неработен ден за сите граѓани – изјави Дурмиши.
Тој, исто така, нагласи дека изминатите две и пол години Владата не укинала ниту едно стекнато право на работниците, туку работела на нивно унапредување преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите во повеќе сектори.
– Ниту едно право коешто е постигнато за вработените не е укинато. Тие права коишто се постигнати во нашата земја, било да е во јавниот или приватниот сектор, ние сме ги почитувале тие права и сме оделе уште подалеку да нивните права да се почитуваат уште повеќе и нивните услови да се подобруваат и нивните плати да се зголемуваат – изјави Дурмиши.
Тој додаде дека исклучоци за работа во недела може да има само во одредени дејности каде што тоа е неопходно поради природата на работниот процес или зголемените потреби, но нагласи дека основниот принцип останува непроменет – недела останува неработен ден за граѓаните.
Прашан дали две минимални плати се доволни за едно четиричлено семејство, Дурмиши рече дека не е соодветно минималната плата да се споредува со просечната потрошувачка кошница, нагласувајќи дека порелевантен показател се просечните плати.
Според Дурмиши потрошувачката кошница е пресметана како просечна и затоа, според него, треба да се споредува со две просечни, а не со две минимални плати.
– Не може да гледаме дали две минимални плати се доволни за една просечна потрошувачка кошница, бидејќи таа е просечна. Треба да ги земаме предвид две просечни плати и дали тие можат да ја покријат просечната потрошувачка кошница – изјави Дурмиши.




