Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски денеска во Собранието изјави дека предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не предвидуваат укинување на средствата што осигурениците ги издвојуваат во вториот пензиски столб, туку нивно системско регулирање во друг закон.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Валбона Адили Емини од ВРЕДИ, Велковски рече дека во јавноста била создадена непотребна паника околу измените, откако дел од опозицијата го проблематизираа бришењето на одредба од постојниот закон која го регулира преносот на шест отсто од придонесите.
– Не се укинуваат шесте проценти, туку се префрлаат во друг закон каде што ова право ќе биде уредено системски – истакна Велковски.
Министерот исто така појасни дека одредбата, која се укинува со ставот 120 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ќе биде прецизно регулирана во член 52-а од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој исто така ќе биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) за јавни коментари.
Според Велковски, двата закона ќе бидат разгледувани паралелно, по што ќе бидат усвоени од Владата и доставени до Собранието.
– Нема простор за паника. Со овој закон не се укинува никакво право коешто досега и ние како осигуреници коишто сме тука и секој еден којшто е во работен однос, а тоа се повеќе од 600.000 граѓани наши во државата. Не се укинуваат 6-те проценти, туку се продолжува, меѓутоа во друг член и во сосема друг закон којшто ќе го уреди ова право системски во овој момент, не како до сега што е направен – рече Велковски.
Во одговорот на дополнително прашање, Велковски информира дека измените на законите за задолжително и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување очекува следната недела да влезат во второ читање во Собранието.
Како што објасни Велковски, реформите предвидуваат воведување различни инвестициски портфолија за осигурениците, по примерот на повеќе европски земји. Помладите членови на вториот пензиски столб ќе имаат можност нивните средства да се инвестираат во поризични инструменти со потенцијално повисок принос, додека за осигурениците поблиску до пензионирање ќе се применуваат поконзервативни модели на инвестирање.
Велковски увери дека средствата на осигурениците остануваат заштитени и дека постојат законски гаранции за остварување на правата од пензиското осигурување по пензионирањето.
– Има заштитни механизми, тука не треба никој да биде загрижен. Портфолијата даваат само дополнителна можност на секој еден од нас првично да избереме во кое сакаме да учествуваме, доколку не го направиме тоа доброволно, самиот закон предвидува дека по категориите на годините коишто се предвидени, да самото друштво каде што членуваме во тој втор пензиски столб да го уреди согласно позитивната законска регулатива – рече Велковски.




