Грабеж во златарница на улицата „11 Октомври“, во центарот на Куманово, бил пријавен денеска во 12:32 часот во Секторот за внатрешни работи Куманово. Според пријавата, неколку лица влегле во објектот и одзеле злато. Од СВР Куманово информираат дека полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.

Грабежот го осуди и претседателот на Регионалната занаетчиска комора Куманово и на Занаетчиската комора на Македонија Агрон Фазлији, кој кажа дека златарницата работи веќе три децении. Тој напиша дека секој што наутро го отвора својот дуќан има право да се чувствува безбедно на своето работно место.

– Среде бел ден, во срцето на нашиот град, Куманово беше ограбена златарницата на мајсторот Абдулрахим, чие семејство веќе 30 години со посветеност се занимава со златарскиот занает. Срамно е едно семејство што со чесна работа го изградило своето име да се соочи со ваков тежок удар, токму во време кога занаетчиите се борат за секоја нарачка и за секој клиент, наведува претседателот.

Тој побара од полицијата и обвинителството веднаш да постапат, целосно да го расветлат случајот и да ги пронајдат сторителите, како и да се утврди нивната одговорност. Побара и конкретни мерки за зголемување на безбедноста и поддршка на занаетчиите, стопанствениците и нивните вработени, особено во централното градско подрачје и трговските зони.

– Секој што наутро го отвора својот дуќан има право да се чувствува безбедно на своето работно место, порача претседателот на комората, изразувајќи солидарност со семејството на ограбениот златар.