Американските воени сили употребиле системи за противдронска одбрана за да одбијат шест дрона забележани претходно овој месец над британската воздухопловна база „Лејкенхит“, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Според британските и американските власти, случајот е поврзан со Иран.
– Министерството за одбрана и полицијата на грофовијата Сафолк тесно соработуваа со безбедносните сили на американските воздухопловни сили во одговор на пријавите за неовластена активност со дронови на 13 ноември во областа на воздухопловната база ‘Лејкенхит’. Ситуацијата беше брзо ставена под контрола, а во базата беше обновен вообичаениот режим на безбедност и обезбедување, соопшти британското Министерство за одбрана.
Белата куќа и Пентагон сè уште не го коментирале случајот.
Непосредно по инцидентот, портпарол на американските воздухопловни сили изјави дека нема повредени воени лица, ниту оштетувања на авионите и инфраструктурата на базата.
Минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека во септември закана поврзана со Иран наложила повлекување на американските бомбардери од „Ферфорд“, друга британска воздухопловна база што ја користат САД.
Техеран ги отфрла обвинувањата за вмешаност во инцидентот во „Ферфорд“, како и во други непријателски активности на британска територија.
Британските власти со години го обвинуваат Иран за поврзаност со заговори и обиди за убиства на дисиденти, како и со подготовка на напади врз израелски и еврејски објекти.




