Феминистичките организации, синдикатите, младите и движењето „Жолти елеци“, повикаа денеска на нови демонстрации ширум Франција против насилството врз жените, во услови на општествена мобилизација и протести што траат веќе два месеца, пренесуваат француските медиуми.

Демонстрациите се планирани во повеќе од 30 градови, меѓу кои Париз, Лил, Лион и Марсеј, по одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, на 25 ноември.

Овогодишните феминистички протести се одржуваат во услови на засилени општествени тензии и зачестени демонстрации низ земјата, кои траат од крајот на септември. Протестите се поттикнати од барањата за обезбедување финансиски средства за средните училишта и универзитетите, како и од настојувањата за заштита на куповната моќ на граѓаните и јавните услуги.

Ова е седма последователна сабота со протестни маршеви низ Франција.

Во Париз, каде што за денеска во 14 часот се најавени два одделни протестни марша, полициската префектура очекува околу 40.000 демонстранти.