Поранешниот претседател на Франција, социјалистот Франсоа Оланд признава дека „сигурно” сноси дел од одговорноста за гневот изразен од страна на движењето на „жолтите елеци“, во интервјуто за белгискиот дневен весник Ле Суар, јавува дописникот на МИА.

-Како политички актер кој ја извршуваше власта, јас имам дел од одговорноста, вели поранешниот шеф на државата во интервјуто објавено денеска, кога во Франција е во тек дванаесеттата саботна мобилизација на „жолтите елеци“.

Сепак, тој го критикуваше раководењето со кризата од страна на неговиот наследник, Емануел Mакрон, велејќи дека „ако протестот широко поддржан од јавното мислење добиеше одговор порано, можеше да се избегне прелевањето, како повторувањето на демонстрациите.”

Франсоа Оланд притоа не го оправдува насилството: „Ништо не го оправдува насилството. Ова движење е одраз на желбата да се проговори и да се истакнат побарувања, од кои голем дел се одраз на потребата за признавање и достоинството за кои сега тој мора да најде решение“.

Големата дебата, која започна во средината на јануари на иницијатива на извршната власт да во обид да одговори на кризата, според поранешниот претседател „може да биде можност да се задоволи дел од жедта за учество, под услов заклучоците од дебатата да бидат на нивото на очекувањата”.

Запрашан за неговата политичка иднина, тој одговора: „Јас не сум во перспектива за враќање во раководење на партијата или да се кандидирам за изборите. Мојата единствена грижа е да бидам корисен. “

Франсоа Оланд на повеќе пати се сретна со „жолтите елеци“ од почетокот на движењето, критикувајќи го притоа Емануел Mакрон, кој беше негов министер за економија. Тој го обвини со прикриена зборови кон крајот на ноември за „цинизам” и дека е „веројатно повеќе одговорен за ситуацијата во која се наоѓа Франција, отколку сегашната влада”