Најмногу од граѓаните или 31 процент како главна причина за загадувањето на воздухот го сметаат транспортот, по што следи греењето за 25 отсто, отпадот за 22,5 проценти, индустријата за 13,6 и градежништвото за 7,1 процент од испитаниците, покажуваат резултатите од истражувањето на јавно мислење спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС). Вкупно 18,3 отсто од испитаниците на прашањето „кои се главните причини за загадување на воздухот во вашето населено место“, рекле дека „нема загадување“.
Резултатите од истражувањето беа презентирани во емисијата „Детектор“ на телевизија „Сител“, во која за аерозагадувањето зборуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој посочи повеќе мерки од планот за справуавње со аерозагадувањето.
Макрадули истакна дека очекува драстично намалување на штетните емисии во воздухот „со новата стратешка програма за намалување на загадувањето, со замената на печки во 1000 домаќинства, поврзување на неколку илјади станови на централното парно греење и со други мерки како зголемено озеленување со автохтони садници“.
На прашањето „Дали сметате дека Македонија има соодвтене пристап за справуавње со загадувањето“ најмногу 58,7 проценти од испитаниците одговориле „не“, 26,7 отсто „да“ и 14,7 проценти „не знам“.
За половина од испитаниците или 51,7 проценти квалитетот на воздухот споредено со минатата година останува ист, наспроти 28,2 отсто кои сметаат дека се влошува и 16,3 од анкетираните кои сметаат дека се подобрува.
Истражувањето на тема „Загадување на воздухот“ е спроведено од ИПИС, во периодот помеѓу 8 и 13 јануари 2019 година на 1091 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.