Торгсервис, првиот руски трговски синџир на западноевропскиот пазар, го затвори својот маркет Мер во Лајпциг, по само пет дена откако е отворен.
Како што велат, дуќанот е затворен на два дена, а причината е тоа што се распродале.
Тргосервис, како што објави Индекс хр, минатата среда го отвори првиот маркет во источниот дел на Германија. Нивни главен адут се ниските цени, пониски и од тие во најголемите германски дисконти, како Лидл, Алдија и Норм.
За пример, половина килограм мелено месо, подготвено за печење во Мер чини 99 центи.
– Почитувани купувачи, поради голема побарувачка, нашата подружница е затворена на 4 и 5 февруари. Реагиравме многу брзо, но моравме да заклучиме дека и на нашите добавувачи им треба извесно време за да ги наполнат рафтовите. Со најниски цени за вас повторно ќе бидеме отворени на 6 февруари од 9 часот, пишува на пораката до купувачите залепена на влезната врата од маркетот во Лајпциг.
Некои германски медиуми шпекулираат дека маркетот бил затворен поради некои производи кои можеби не ги задоволуваат стандардите за квалитет на храната кои се пропишаните со европските закони. Во Торгосервис велат дека сите нивни производи ги задоволуваат стандардите на ЕУ и дека поголемиот дел, освен од Германија, доаѓаат од двете соседни држави Полска и Чешка.