Домаќинствата во Европската унија во 2017 година за алкохол потрошиле повеќе од 130 милијарди евра, покажуваат податоците на европската статистичка служба Евростат.

Во наведената година вкупната потрошувачка на домаќинствата во ЕУ за алкохолни пијалоци изнесувала 0,9 отсто од бруто домашниот производ или повеќе од 300 евра по жител. Тоа значи дека од вкупните расходи на домаќинствата за алкохол трошеле 1,6 отсто од расположивите приходи.

Евростат напоменува дека во оваа сметка не е опфатено купувањето на алкохолни пијалоци во ресторани и хотели.

Од членките на ЕУ, според потрошувачката на алкохол, предничат балтичките земји, бидејќи домаќинствата во Естонија за алкохол трошат 5,2 отсто од вкупните расходи, во Летонија 4,9 проценти, а во Литванија 4 отсто.

Зад нив следи Полска (3,5 отсто), Чешка (3,3), Унгарија (3,0), Финска (4,0), Германија, Австрија и Португалија по 1,4 отсто, а најмалку на алкохол трошат Грција и Италија (0,9) и Шпанија (0,8 отсто).

Земји кои најмногу потрошиле пари за алкохол се Германија (23 милијарди евра), В. Британија (22 милијарди евра) и Франција (21 милијарда евра).

Истовремено, според податоците на Светската здравствена организациј (СЗО) потрошувачката на алкохолни пијалоци во ЕУ во 2017 година изнесувала 10 литри по жител.

Што се однесува за југоисточна Европа, по потрошувачката на „жешка капка“ предничат Бугарија со 12 литри по жител, Романија е втора со количина од 10 литри, Македонија и Србија по 9 литри, Грција 7 литри и Турција 2 литра, покажуваат податоците на СЗО.