Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили не бил поканет на денешната церемонија на подигање на знамето на НАТО пред Владата во Скопје.
Од Кабинетот на претседателот Иванов за ТВ Телма изјавиле дека Иванов не бил поканет на денешната церемонија.
Не беа присутни ниту претставници од раководството на опозициската ВМРО ДПМНЕ, а празно остана и столчето кое беше наменето и за поранешниот претседател Бранко Црвенковски.
Поканата за денешната церемонија пред Владата, во Кабинетот на Иванов стигнала по завршувањето на настанот.
Како што беше објавено на повеќе портали, од Владата тврдеа дека испратиле покана и по електронски пат и по курирска служба, а од Кабинетот на шефот на државата изјавија дека поканата стигнала пост-фестум.
– Откако заврши настанот ја добивме поканата за присуство на претседателот Иванов, изјавиле од Кабинетот на Иванов за МКД.мк.
Инаку, во обраќањето на премирот Зоран Заев на церемонијата, од сите досегашни претседатели на Република Македонија не го спомена само Ѓорге Иванов.