Словенечката агенција за безбедност на храна нареди повлекување од продажба на 12 тони говедско месо увезено од Полска и подготвено за ќебапи, пишува словенечкиот весник „Вечер“ и наведува дека месо од истата серија е испорачано и до купувачи во Хрватска и Унгарија.

Според весникот, станува збор за месо од Полска кое на словенечкиот пазар го дистрибуира компанијата Алебон, а повлекувањето на оваа серија го препорачаа полски надзорни органи.

Месо од истата серија е испорачано до 41 ресторан за брза храна во Словенија.

– Се уште нема службено известување од полските органи, а словенечките анализи покажаа дека во месото што се повлекува од пазарот има траги од кетопрофен, нестероиден антиинфламаторен лек. Лекот во телото на животното кое се третира вообичаено се разградува во рок од 24 часа после примањето, што значи дека говедата биле „лекувани“ со него непосредно пред да бидат заклани, а тоа е забрането, пишува мариборски „Вечер“ во врска со можната причина за повлекувањето.