Апсењето на Трајко Вељаноски е продолжување на теророт и притисокот кој оваа хунта на власт го прави, оценува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во своето гостување во емисијата Отворено со Љупчо Цветановски.
-Тоа е злоупотреба на правосудниот систем, на обвинителството, на судството, на полицијата, да прават директен политички притисок врз неистомислениците. Како што гледате, тоа го прават на рати. Како им паѓа рејтингот, а имаат драстичен пад, така го зголемуваат теророт. Ова е еден очајнички обид, обид кој нема врска со правото и правдината, оценува Николоски.
Тој му порача на Заев дека треба да е свесен дека работите се менуваат.
-Кога ќе се сменат работите, можат да се сменат и улогите. Тоа може да се случи многу лесно. Би им порачал 10 пати да размислат пред да прават нешто. Во однос на поранешниот претседател на Собранието, сметам дека овој акт е неуставен затоа што тој е пратеник во Собранието, ужива имунитет и без Собранието да го симне имунитетот, не може било каква активност да биде превземена, порача тој.
Николоски оценува дека обвинителството, судството и полицијата го кршат уставот за што еден ден некој ќе понесе одговорност.
Николоски нагласи дека еден ден ќе се преиспитаат кој и зошто политички мотивирано работи.
Според него, постапките на Заев се показател дека тој сака да воведи диктатура, потенцирајќи дека тоа нема да му успее.
Што се однесува до изборите, Николоски истакна:
Власт посакува предвремени парламентарни избори затоа што може да добие уште еден мандат во услови кога е најсилна. Оваа власт во Република Македонија бега од предвремени избори затоа што знае дека е слаба. И како ќе поминува времето, ќе стануваат уште послаби. Следниот период нив ќе им се сведе на притисоци и уцени и на крадење. Ќе прават притисоци и уцени кон луѓето, а од дрга страна ќе крадат затоа што знаат дека ова им е последно. Не само што ќе изгубат на избори, туку ќе завршат како Пасок во Грција, ќе станат маргинална политичка партија и затоа вака душмански се однесуваат кон државата која треба да ја водат, рече Николоски.
Тој порача дека СДСМ и ДУИ не може да бираат консензуален кандидат, туку таквиот кандидат кој ќе го изберат ќе биде кандидат за Заев и Ахмети.
-Не може тие да зборуваат за консензус затоа што не претставуваат мнозинство од народот кој живее во Македонија, а камоли да ги претставуваат сите па да зборуваат за консензус. Да имаше предвремени избори ќе беа дебело поразени, како што ќе бидат поразени на претседателските. Има консензуален кандидат за македонскиот народ, а тоа е професорката Гордана Силјановска Давкова, порача Николоски.
Потпретседателот на партијата вели дека ВМРО-ДПМНЕ го избра најквалитетното решение кое Македонија може да го понуди за претседател на државата.
-Имаме една апсолутно стабилна личност, позната и призната во својата професија, еден од најдобрите професори, личност со јасно исцртана морална вертикала, без скандали или опашки во животот и што е за мене многу важно, со јасен став по однос на штета на територијална организација која и се случи на Македонија, во однос на двојазичноста и по однос на промената на името, оцени Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека професорката е личност која апсолутно заслужува да добие шанса и да биде избрана за претседател на Република Македонија.
-Таа во исто време е личност која што држи до себе, не е приврзок на било која власт или политичка партија. Секогаш кога требало да критикува-критикувала, секогаш кога требало да поддржи-поддржала, ги критикува сега СДСМ, во минатото ја критикувала ВМРО-ДПМНЕ. Тоа јас, за разлика од некои други, сметам дека е предност, затоа што човек треба јасно да ги гледа работите и кога се прават грешки, да укажува на истите, порача Николоски.