Mанчестер Сити е следниот клуб, кој ќе се најде под ударите на ФИФА за непочитувањето на правилата при потпишувањето со играчи под 18-годишна возраст.
Врз основа на документите од „Фудбал Ликс“, кои беа објавени од францускиот сајт „Медијапарт“, ФИФА започнала истрага на англискиот шампион.
Светската фудбалска централа ќе разгледа повеќе од 100 случаи на потпишување со малолетни играчи од страна на Манчестер Сити.
Ако бидат прогласени за виновни, на „граѓаните“ им се заканува двегодишна забрана за привлекување на нови играчи и парична казна од 500 илјади швајцарски франци, соопштува „Медијапарт“.
Има уште три клуба од Премиер лигата, кои ќе бидат под истрага на ФИФА и според информациите, меѓу нив се Ливерпул и Арсенал.
Правилата на ФИФА забрануваат привлекување на малолетни играчи, освен ако нивните родители емигрирале од причини кои немаат врска со фудбалот, или тимот и предметниот играч се наоѓаат на максимално 50 километри растојание од границите на државата, од која доаѓа натпреварувачот.
Исклучоци се направени за трансфери на фудбалери во Европската унија и Европската економска област, каде што минималната возраст е 16 години. Во овие случаи, клубот треба да обезбеди висок стандард на живот на играчот.
Меѓу казнетите поради неправилности при потпишувањето на договори со млади играчи од странски држави беа мадридските Реал и Атлетико, како и Барселона.