Иако знаевме што не очекува со инсталирањето на Зоран Заев на власт сепак во секој од нас имаше барем малку надеж дека можеби нема да оди до крај, дека нема да урниса се она што било градено претходно. Драги мои, Зоран Заев со еден телефонски повик ја реши државата, не урниса како народ и не самоукина.
Во поновата македонска историја не е забележан друг лик освен него што бил спремен на отстапки кои ќе не разнебитат и просто е неверојатно дека го погази основното право на народите, а тоа е правото на самоопределување.
Денес Грците слават победа, и треба да слават затоа што добија се што сакаат со тоа што Заев го спушти гардот и ја отвори портата за „непријателската војска“. Иако романтично верува дека во историјата ќе биде запамтен како херој, факт е дека ќе остане запишан како Премиерот кој го уништи сопствениот народ. Ни еден Премиер пред него, започнувајќи од Бранко па Љубчо, Бучковски, Хари, Груевски не беа спремни на ваков чин, не беа спремни на комплетна капитулација во интерес на Грција.
Она што ќе ни следи од пропагандната машинерија деновиве до моментот на одржување на референдумот е дека решеното име е еднакво на безбедност и перспектива на државата, а второ дека јазикот Macedonian е голем успех за нашиот идентитет. Ќе претставуваат како успех нешто што и во моментов е така. При тоа суптилно ќе изостават дека придавката македонски/македонска нема да можеме да ја користиме. Ако претходно сме имале Македонска репрезентација, сега ќе имаме репрезентација на Северна Македонија, македонските вина ќе станат северномакедонски вина, македонските културни уметнички друштва ќе станат културни уметнички друштва на Северна Македонија. МАНУ веќе ќе ја нема, АРМ и НБРМ исто така, апсурд до апсурд. Ќе изостават да ни кажат дека членка на НАТО ќе станеме тогаш кога ќе ги исполниме сите членови од меѓународниот договор кој предвидува обврски само за нас, нема да кажат дека и почнувањето на преговорите со ЕУ ќе започнат тогаш кога ЕУ земјите членки ќе сметаат дека сме подготвени за тоа.
Она што ние како народ треба да го направиме при евентуален референдум е да кажеме едно големо НЕ на поставеното референдумско прашање, затоа што сега судбината на нашата држава е во наши раце. Кога гласаме за избори можеме да се коцкаме и да гласаме против некоја опција знаејќи дека тоа што сме го избрале не е трајно решение, НО при гласање на референдум треба да знаеме дека го даваме својот глас за нешто што ќе остане, нешто кое нема да можеме да го корегираме на следни избори.
Во 1991 година бевме мудри, избравме да имаме сопствена држава, 27 години подоцна треба да покажеме мудрост и да се избориме истата држава да ја зачуваме, затоа што немаме друга татковина, затоа што Македонија е сé што имаме.
М-р Мартина Антиќ