Безбедноста во Македонија се зголеми на 1 јуни 2017 година, кога бандитите заминаа од власт, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Министерството за внатрешни работи го преземав со 23 проценти доверба. Сега ОБСЕ покажа статистика од 75 проценти доверба во МВР. Лесно е да се излегува и да се кажуваат лажни вести, за тоа сте експерти вие од ВМРО-ДПМНЕ, одговори Спасовски во Собранието, одговарајќи на пратеничко прашање на Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа рече дека нема контрола по најновите случаи на исчезнувања и дека истите завршуваат трагично, како и дека е зголемен бројот на кражби и разбојништвата кои се случиле во изминатиот месец.
– Граѓаните не се чувствуваат безбедни, полицијата ја нема, како ќе ја оправдате бројката од 520 кражби само на територија на Скопје во текот на еден месец, учинокот на полицијата е едвај два отсто. Нема завршница за голем дел од исчезнатите. Има и политички мотивирани случаи. Дали чувствувате било каква одговорност за овие настани, кои завршуваат трагично, затоа што не сте ги превенирале, запраша Затуроска.
Спасовски посочи дека се злоупотребува ситуацијата во врска со исчезнатите лица и наведе податоци дека во 2014 година кога, како што рече, на власт е Никола Груевски а министерка за внатрешни работи е Гордана Јанкуловска, имало 554 пријавени лица за исчезнати, додека во 2018 година, кога премиер е Зоран Заев а тој самиот е министер, имало само 370 случаи на пријавени за исчезнати.
– Во делот на економскиот криминал има зголемување на кривичните дела и тоа е благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери кои носеа позиции бидејќи тука се зголемија многу кривичните дела, некаде за 25 проценти за кривичното дело за злоупотреба на службената положба, оцени Спасовски.
Рече дека има намалување за 37 проценти на бројот на убиствата.
– Лани имаме 17, за разлика од 2017 година, кога половина година МВР беше раководено од ВМРО-ДПМНЕ, има 27 убиства. Фала богу што не не убивте во Собранието тогаш, таа бројка ќе беше уште потешка, рече Спасовски.
Тој наведе статистички податоци и за кражбите, разбојништвата, посочувајќи дека се расчистени големите кражби како оние во Шпаркасе и Централна кооперативна банка.
Наведе и дека во однос на борбата против дрогата, МВР постигнало најдобри резултати во последните десет години – откриени се 789 кривични дела и против 906 сторители се покренати постапки.
Затуроска реплицираше дека не е задоволна од одговорот на министерот, велејќи му дека тој ќе биде запишан како најнеуспешниот министер за внатрешни работи, кој практикувал политички реваншизам и кој ќе се памети како министер кој го вратил немирот на улиците наместо безбедност.