На 27.02.2019 во периодот од 07.00 – 10.00 часот Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во СВР Штип спроведе засилена акциска контрола на возила со кои се врши јавен превоз на патници.

Од извршената контрола на 27 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз, кај 10 е утврдена неисправност на уредот за запирање, поради што се исклучени од сообраќај и издадени им се прекршочни платни налози.

Полициски службеници во Секторот за внатрешни работи Битола на 26 февруари извршиле контрола за брзина, зимска опрема, управување без возачка дозвола, нерегистрирани возила, непочитување првенство, исправност на возилата, товарни возила, сигурносен појас, светло и алкохол, во сите полициски станици при што биле контролирани 404 возачи и возила.

При контролата, констатирано е дека 25 возачи го управувале возилото со поголема максимална брзина од дозволената, шест возачи управувале без возачка дозвола. Нерегистрирани биле две возила, на мобилен разговарале двајца возачи и еден возач не користел сигурносен појас. Осум возачи се писмено опоменати, а на 46 возачи изготвени им се мандатни платни налози и ќе се соочат со соодветни глоби, а исто така изготвени се и 15 прекршочни налози. Исто така, при контролата откриени се и други девет видови прекршоци.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.З.(24) од село Радишани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци’’ и „загрозување на сигурноста’’.

На 20.11.2018 година на социјалната мрежа „Facebook’’ пријавениот креирал лажен профил со име на девојка од Тетово на кој објавил фотографии со недолична и компромитирачка содржина. Потоа, пријавениот, преку телефон, на девојката и испраќал пораки со закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Н.Р.(27) од Кичево и Л.А.(27) од село Грешница, кичевско, поради постоење основи на сомнение за сторени седум кривични дела „тешка кражба во обид”, кривично дело „тешка кражба” и кривично дело ,,кражба”.

Во периодот од декември 2018 година до 13.02.2019 на подрачје на Кичево, во девет куќи, пријавените, со употреба на сила влегувале внатре и одзеле разни алати и апарати, со што предизвикале материјална штета од околу 100.000 денари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против П.И.(50) од Република Албанија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба во обид’’ и две кривични дела „тешка кражба“.

На 07/08.02.2018 година во село Горно Седларце, тетовско, во домовите на куќите на Ј.А., Х.А. и С.А., пријавениот со употреба на сила влегувал внатре и одземал разни предмети.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Д.(22) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,уцена“.

Во периодот од август 2018 година до 25.02.2019 пријавениот, со закана дека на социјални мрежи ќе објави компромитирачки фотографии, ја принудил неговата поранешна девојка од Гостивар да му даде околу 400 евра. На 25.02.2019 полициски службеници го лишиле од слобода пријавениот.

На 26.02.2019 во 19.50 часот во Полициската станица Аеродром, О.Д.(39) од Скопје пријавил дека на 22.02.2019 година околу 10.45 часот на улица „Ѓуро Малешевац“, во училишен двор, неговата малолетна ќерка била физички нападната од нејзин соученик. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 26.02.2019 околу 09.00 часот било пријавено дека на просторот од село Орел до село Долно Ѓуѓанци, светиниколско, настанал пожар на околу 50 хектари трска и сува трева.

Пожарот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица Свети Николе. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Свети Николе.

На 26.02.2019 во 15.30 часот во Полициската станица Кавадарци, 29-годишна девојка од Кавадарци пријавила дека на 24.02.2019 година околу 22.30 часот во нејзината соба нејзиниот познаник И.А.(28) од Кавадарци извршил обљуба врз неа.

Според пријавеното, тие прво почнале да се бакнуваат, по што таа му рекла да застане, но тој ја извршил обљубата. И.А. бил пронајден и со него бил извршен разговор во полициска станица. По Наредба на јавен обвинител Ј.П. ќе биде спроведена до институтот за судска медицина во Скопје за преглед и вештачење . Се работи на расчистување на случајот.

На 26.02.2019 околу 18.30 часот во СВР Велес било пријавено дека во нива во село Мартолци, велешко, починат и со изгореници на телото бил пронајден Ј.А.(80) од истото село.

Истиот ден околу 13.00 часот Ј.А. запалил исушена трева, но огнот го зафатил и него. Смрт констатирал лекар од Медицинскиот центар Велес, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес. По наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на семејството за погреб.

На 26.02.2019 во Полициската станица Гази Баба, од Јавната установа „Ранка Милановиќ“ било пријавено дека истиот ден околу 07.00 часот од домот самоволно се оддалечил нивниот штитеник Ж.Р.(19). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 26.02.2019 година во 10.10 часот во Полициската станица Кочани, П.К.(62) од Кочани пријавил дека истиот ден околу 06.00 часот на ул. „Теодосија Паунов“ во Кочани бил каснат од куче скитник во пределот на десната нога.

На 27 февруари во Полициската станица Прилеп било пријавено дека две лица извршиле разбојништво на бензинска пумпа на булевар „Гоце Делчев“ во Прилеп и ги одзеле парите оддневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднeсе кривична пријава против А.В.(25), И.С.(28) и Б.С.(27), сите од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 10.02.2019 година во бурекџилница на ул.„Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка прво и второпријавениот физички го нападнале Ј.П., додека треторпријавениот, стоел на вратата и не дозволувал други лица да влезат во објектот. Пријавените физички нападнале уште две лица кои се обиделе да му помогнат на Ј.П…

На 26.02.2019 во 17.00 часот во СВР Скопје, А.Б.(44) од Скопје пријавил дека истиот ден околу 14.30 часот во неговиот дом бил физички нападнат од Џ.А., А.А. и Д.Ј.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.A.(42) од село Железна Река, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“. На 21.02.2019 14,00 часот во Гостивар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана. Наредниот ден бил извршен претрес во неговиот дом и била пронајдена марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против З.Х.(32) од село Челопек, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“.

На 22.02.2019 полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле 480 грама марихуана. На 23.02.2019 година бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени предмети со остатоци од марихуана. Судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.В.(20) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги“.

На 08.09.2018 во Тетово, во спортскиот центар, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот и над Љ.М.(17) од Тетово и во нивна близина била пронајдена и одземена марихуана.

На 27.02.2019 околу 02 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул. „Тодор Циповски Мерџан“ било опожарено возилото „БМВ“, сопственост на М.Ј.(26) од Скопје, а огнот го зафатил и возилото „Фиат Пунто“, сопственост на Т.М.(38) од Скопје. Извршен е увид.

На 26.02.2019 во 18.40 часот во СВР Скопје, А.А.(24) од Скопје пријавил дека околу 18.00 часот на булевар „Партизански Одреди“ три лица извршиле разбојништво над него и му го одзеле паричникот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.С.(38) од село Врапчиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“. На 23.09.2018 во Гостивар полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.