Ние можеме да бидеме со голема надеж за перспективата на нашата држава, но доколку дома не си ги средиме работите, тоа ќе биде само кочница за нашиот раст и развој за унапаредување на вкупниот квалитет на животото во земјата. Во време кога се помиривме и со соседите, зарем не може дома да се помириме, рече премиерот Зоран Заев на собраниска седница одговарајќи на прашање од Весна Дамчевска Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на нејзините забелешки дека процесот на помирување во Собранието за настаните од 27 април не ги дава резултатите, а поларизацијата се уште е присутна во општество тој упати апел за продолжување на дијалогот меѓу власта и опозицијата.
– Има многу прашања, преку работни групи можеме да продолжиме да ги разгледуваме. Знам дека постои одреден дијалог, но треба да го интензивираме затоа што и нашите зачестени средби испраќаат порака на олабавување на општетството. Да зборуваме многу почесто и за простувањето и за помирувањето и ве повикувам сите да се вклучите во тоа национално координативнo тело. Треба да има помирување и во судството… Кулминацијата беше во Парламентот и треба да почнеме од тука, но треба да продолжиме во јавните државни институции, во општините низ државата, но и да почнеме во политичките подмалдоци и насекаде. Ова што ни се случи во државата во целиот изминат период нема кој друг да го среди, ако не ние првоодговорните, рече премиерот.
Кажа дека веќе е формира национално координативно што го раководи претседателот на Собранието, а помош нуди и меѓународната заедница. Според него, сега е време ова тело да се стави во функција, а како што посочи, и тој и министрите стојат на располагање за се што ќе биде потребно.
-Верувам дека ќе биде од помош на земјата ако направиме видлив исчекор и за економијата, и за севкупната успешност за државата. Сакам да испратам порака на подавање рака. Доаѓа кампања за претседателски избори и во самата кампања ние може да испратиме порака на разумност и одговорност или на конфронтизам што остава лош впечаток. Помирувањето е важно, поважно и од некои реформи што ги правиме. Верувам дека може да успееме можеби не 100 отсто, но може во сериозен процент преку политика на простување и помирување пополека да ја враќаме кохезијата во општеството, секој да го сработи својот дел, за да ни биде попријатно овде и младите да не заминуваат, рече Заев.
За наводни отпуштања од работа на лица блиски до претходната власт, рече „ниту сум дал политичка насока, ниту сакам да дадам насока да се гради среќа на туѓа несреќа“.
-Дадов насоки, а има и се повеќе можности во буџетот на сите што работат да им се даде решение, а новите кои се примаат да бидат на опредено време со рок за практиканство, но да го запазиме редот тие што работат да добијат решение, новите да не го заземат местото на поискусните, рече Заев.
Адеми: Нови музички програми
Во однос на прашањето на пратеничката Дамчевска Илиевска дека нема ништо од реформи во образованието и зголемување на платите на вработените во образовните институции министерот за образование и наука Арбр Адеми во одговорот се осврна на активностите и плановите што ги преземале и ги преземаат во делот на реформите. Ги посочи субвенции за набавка на музички иснтрументи, измените на наставните порграми во делот на средното стручно образование во кои е вклучана и бизнис заедницата за да ги исполни барњата на пазарот на трудот, а прв пат годинава почнале со концептот на дуално образование по германски модел. Се осврна и на законските измени во високото образование, за стипендирањето на студентите по педагогија, за финансиска поддршка на талентираните ученици, потоа во ученичкиот стандард стандар.
– Од септември 2018 ги зголемивме платите за пет отсто во основното и средното образование. Дали е тоа доволно секако дека не, поради тоа одлучивме за ново зголемување на платите во 2019 во основното и средното, а по неколку години по прв пат и за вработените во високото образование од пет отсто. Кога сме кај учебниците и постапката за нивно обезбедување таа спроведена во 2018 е иста како и во 2009, и не е настанат никаков пропуст и тоа е единствена опција за да се обезбедат бесплатни учебници за нашите ученици, рече Адеми истакнувајќи се.
Тој изјави дека во Бирото за јавно образование интензивно се работи на изготвување на нови музички програми од 6. до 9. одделение, со оглед дека постојните учебници не се користат во образовниот процес. Во подготовка е, рече, и законот за Основно и Средно образование и се очекува финалната верзија да помине во Влада.
Села процедурално, Мисовски реплицира
Процедурално реагираше Зијадин Села за тоа што е пријавен да постави пратенички прапшање 17-ти по ред, што според него е непочитување од парламентарното мнозинство, и обид за цензура да не се слушне гласот на опозицијата.
-Повеќе од јасно е дека Парламентот повторно се контролира од политичките субјекти кои се во власта. Секогаш албанската опозиција беше после осмото место за поставување пратенички прашања, а сега Зијадин Села е 17-ти по ред. Дали со ова сакате да го сокриете театарот од пред неколку дена кој го сервиравте за одземање имунитет на пратеникот Вељановски, дали ова се однесува на тоа дека немате одговори зошто по втор пат ги одземате надслежностите во образованието на градоналаникот во Гостивар. Можеби се плашите да се соочите со опозијата. Но, Зијадин Села и Алијасната за Албанците е значаен субјект кога треба да се разговара за уставни измени, кога ви требаат игри за наводен заеднички кандидат за претседател. Ако албанскатра опозиција не е на четвртото место на листите за пратенички прашања, овие седници не треба да се одржуваат, рече Села.
Реплицираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој забелешките на Села ги оцени како политички маркетинг.
-Согласно член 2 од Деловникот претседателот на Собранието заедно со координаторите го составува списокот за пратенички прашања и не држи вашата забелешка, рече Мисовски и додаде дека нивниот партиски колега Рушити имал шанда да поставува прашања.
Истиот одговор го доби и пратеникот Амди Бајрам кој процедурално реагираше што бил ставен на 16. место на листата за прашања. Забележа дека две седници не може да постави прашање до МВР и Обвинителството за инцидентот во Шутот Орузари и праша дали е проблем тоа што е Ром.
Седницата со пратенички прашања ќе продолжи по редовната пауза.