Доколку американскиот претседател Доналд Трамп изгуби на претседателските избори во 2020 година, неговиот наследник нема да може мирно да ја преземе контролата врз Белата куќа, тврди неговиот поранешен личен адвокат, Мајкл Коен.
– Според моето искуство со Трамп, се плашам дека доколку загуби на изборите во 2020 година, нема да има мирно предавање на власта, изјави Коен во сведочење пред Надзорен комитет на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Коен вели дека неговото стравување за 2020 година е една од главните причини што одлучил да сведочи.
Тој како што нагласи, ги признал своите грешки и сведочел за нив јавно и под заклетва.
– Слепо ги следев неговите барања. Мојата лојалност кон него ме чинеше се – среќата на моето семејство, моето животно достигнување, мојата чест, углед, а наскоро и мојата слобода. Нема да молчам и да му дозволам истото да и го направи и на нашата држава, изјави Коен.