Со Програмата за рурален развој за годинава се предвидени средства за околу 50 фотоволтаични колектори кои ќе бидат распоредени во бачилата кои немаат електрична енергија, а воедно е обезбедена и поддршка за водопоила за бачилата.
Ова денеска го ветил министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната средба со сточари од општина Чашка и регионот.
Дополнително, во Програмата за финансиска поддршка за 2019 година е зголемена поддршката за произведено и предадено овчо млеко на 4,5 денари, соопшти МЗШВ.
Николовски им соопштил на сточарите дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Јавното претпријатије за пасишта ќе работат на измени на Законот за пасишта за да се овозможи склучување повеќегодишни договори за користење на пасиштата.
МЗШВ работи и на нов оглас за доделување земјоделско земјиште за сточарство, кој ќе биде кумулативен по број на грла. Досега, на огласот до три хектари вкупно се потпишани 35 договори со вкупна земјоделска површина од 79 хектари, а на огласот над три хектари се потпишани 20 договори со вкупна земјоделска површина од 114 хектари.