Нов план на Пентагон предложен на мировни разговори со талибанците, предвидува повлекување на сите американски војници од Авганистан во следните три до пет години. Тоа може да овозможи и формирање нова влада во Кабул, објави Њујорк тајмс. Весникот се повикува на актуелни и поранешни владини претставници на САД и на европски држави.
Се предвидува останатите меѓународни сили да ја напуштат таа држава во истиот временски период, нагласува американскиот извор.
Планот се разгледува со сојузниците на САД во Европа и бил разработен со цел да добие одобрување од претседателот Доналд Трамп.
Цел на планот е бројот на американски сили во Авганистан кои сега се 14.000 да биде намален на околу 7.000 во следните неколку месеци. Останатите 8.600 европски и други меѓународни војници ќе обучуваат авганистански вооружени сили. Американските удари би се ограничиле само на удари со цел борба со тероризмот.
Засега планот има поддршка во Вашингтон и во централата на НАТО во Брисел.