Донеодамнешниот косовски министер за земјоделство Ненад Рикало е назначен за државен секретар во Министерството за земјоделство на Владата на Србија, објави Б92.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на почетокот на февруари го разреши Рикало, кој беше член на неговата Влада како претставник на партијата Српска листа и на негово место неделава ја именуваше Дијана Живиќ од Независната либерална партија (СЛС).
Министрите Срби во косовската Влада, меѓу кои и Рикало, во март минатата година објавија дека нема да учествуваат во владината работа, откако во Косовска Митровица беше уапсен директорот на Канцеларијата за Косово во српската Влада, Марко Ѓуриќ.
Но и покрај тоа, на официјалните веб-страници на нивните министерства се објавуваа вести за нивните министерски активности, како што се состаноци со странски амбасадори во нивните кабинети, потпишување на договори и состаноци во странство.
По назначувањето на министерското место на Дијана Живиќ од страна на Харадинај, српскиот претседател Александар Вучиќ, ја оквалификува со терминот „приватен Србин“ во косовската Влада.