Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, соопштија од опозиционата партија.
На средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во државата, како и реализацијата на стратешките цели на државава.
Мицкоски посочил дека власта во овие моменти спроведува злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека власта врши сериозни нарушувања на правната држава и владеењето на правото и дека тоа државата ја уназадува во поглед на исполнување на стратешките приоритети и назадувањето на демократските процеси.
Воедно тој подвлекол дека Република Македонија се соочува со сериозни економски проблеми, лош стандард на граѓаните и сиромаштија која е производ на недоволната ангажираност на владата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението, ја истакнал важноста на стратешкото партнерство на Македонија со своите сојузници и додал дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ останува интеграцијата во ЕУ и НАТО.
Соговорниците се согласиле дека членството во НАТО и Европската интеграција е клучен фактор за стабилност во нашиот регион и дека е потребна поддршка која ќе придонесе остварување на тие цели.