Автопатот Миладиновци – Штип, секција Миладиновци – Кадрифаково и Кадрифаково – Миладиновци не е пуштен за сообраќај иако тоа беше најавено деновиве во медиумите.
На автопатот се вршат проверки од безбедносен карактер, соопшти денеска АМСМ, упатувајќи апел до сите возачи да не го користат автопатот.
Министерот за транспорт Горан Сугарески вчера исто така апелиреаше да не се користи автопатот. Овие денови се вршат последните безбедносни проверки и проценки на сите елементи на автопатот. Штом се заврши со овие последни проверки автопатот ќе биде пуштен во употреба. Тоа ќе се случи наскоро во периодот што доаѓа, изјави Сугарески.
Како што објавивме неделава, а објавија и повеќе медиуми, имаше најава за пуштање на автопатот.
Власта неделава ќе го пушти во сообраќај новиот автопат Миладиновци – Штип, што го изгради претходната и чие пуштање во употреба се одолговлекуваше.
Според најавата од надлежните институции, автопатската делница во должина од 47 километри ќе биде ставен во функција со времен режим на деловите каде се планира изградба на две патарини.
Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година, со инвестиција во износ од 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската ЕКСИМ банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Слично беше и со делницата од Демир Капија до Гевгелија, чие пуштање во употреба се одолговлекуваше, иако автопатот беше речиси стопроцентно завршен. И на крајот беше пуштен со познатите игри и чочеци пред тунелите на оваа делница.
Откако дојде до промена на централната власт, почна пролонгирањето на роковите на проекти кои беа речиси завршени или завршен беше поголемиот дел од работите.