Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари средба со шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски избори Корнелија Јонкер.
Како што соопшти МНР, Димитров ја запозна соговорничката со актуелната политичка ситуација во земјата и реформските активности на Владата во насока на унапредување на владеењето на правото, човековите права и демократијата. Исто така, МНР Димитров изрази благодарност за позитивниот одговор на неговата покана до ОДИХР, а во име на Владата на Република Северна Македонија, за набљудување на изборите.
Јонкер, претставувајќи ги основните цели на Набљудувачката мисија, истакна дека покрај набљудувањето на изборниот процес, Мисијата одблизу ќе го надгледува исполнувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, имплементацијата на изборното законодавство, како и изборната кампања во медиумите според утврдената методологија на ОДИХР.
Заемно беше изразена подготвеност, по претседателските избори, да продолжат активностите за реформа на изборното законодавство со поддршка и на експертите на Организацијата.