Дипломатските врски меѓу Сингапур со Северна Кореја и релативната близина со таа земја влијаеше малата држава во југоисточна Азија да биде избрана за место за историскиот самит на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, наведуваат аналитичарите.
– Градот Сингапур е прекрасна локација за самит. Ким ќе биде на пријателска, а не на непријателска територија, а од друга страна нема да биде на домашен терен, изјави експертот за нуклеарни прашања на лондонскиот Кралски институт за одбрана и безбедност, Том Плант.
Сингапур најверојатно е избран и поради тоа што му е поблиску на Ким од кој било европски град.
Одлучувачки фактор во изборот на место за самитот Трамп – Ким беше искуството на сингапурските безбедносни сили, но и фактот што Пјонгјанг има дипломатски односи со Сингапур од 1975 година.
Еднопартискиот систем откако Сингапур стекна независност 1965 година обезбеди стабилност и ја зајакна државната безбедност, која е меѓу најефикасните во светот. Помеѓу две земји со претежно муслиманско население – Малезија и Индонезија и симпатизери на Исламска држава, Сингапур ефикасно ги контролира терористичките закани.
Од друга страна, Сингапур е погоден терен и за САД, како голем трговски партнер на земајата и втор по големина азиски инвеститор, но и долгогодишен поддржувач на американското воено присуство во азиско-пацифичкиот регион.
Сингапур е и регионално седиште на голем број американски компании, меѓу кои и Гугл, Фејсбук и Аирбнб.
САД и Сингапур воспоставија дипломатски односи во 1966 година.
Сингапур е оддалечен околу 4.800 километри од Северна Кореја.
– Сингапур не е толку далеку како што тоа се европските држави, што овозможува Ким Џонг-ун директно да слета со приватниот авион, додека Трамп ќе лета подолго од Ким, изјави Нах Лианф Руанг, истражувачот на Институтот за одбранебени и стратешки студии.
Поранешниот амбасадор на САД во Сингапур, Дејвид Аделман изјави дека градот е идеален за самит бидејќи е „чесен посредник“ меѓу Истокот и Западот. Сингапур во 2015 година беше домаќин на самитот меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и тогашниот тајвански претседател Ма Јинг-џае.
Трамп вчера на Твитер објави дека со Ким ќе се сретне на 12 јуни во Сингапур.