Брисел стравува дека Долниот дом на британскиот Парламент нема да го одобри нацрт-договорот со Европската унија односно условите за брегзит и поради тоа ЕУ се поготвува и за оставка на британската премиерка, објави британскиот весник „Обзервер“.

Според весникот, за време на средбата главниот преговарач на Европската унија Мишел Барние изјави дека се сомнева во способноста на британската премиерка Тереза ​​Меј да обезбеди потребна поддршка од пратениците во Долниот дом и да добие одобрување на договорот пред почетокот на самитот на ЕУ на 21 март.

Се очекува на самитот на лидерите на земјите – членки на ЕУ да одобрат се уште неподадено барање од Лондон за одложување на брегзит. Прашањето е колку долго ќе има потреба Лондон и колку ќе сака да му обезбеди Брисел.

Ако договорот биде одобрен, според Меј ќе е потребно „кратко техничко одложување”, но ако премиерката повторно не успее во намерите, тогаш државата може да има потреба од многу повеќе време.

Во ЕУ се подготвуваат за евентуална оставка на Тереза ​​Меј, ако Парламентот го отфрли договорот по третпат, но во Брисел не исклучуваат дека по следниот пораз британскиот премиер може да продложи проект за договор за брегзит во четврто гласање. Од ЕУ предупредуваат дека наследникот на Меј може да се обиде одново да почне преговори од почеток, но Унијата нема да прифати таква можност.