Министерството за образование и наука достави укажување до сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни кога избираат туристички оператори кои ќе бидат ангажирани за реализација на екскурзиите на учениците, кои се составен дел од воспитно-образовниот процес.
МОН соопшти дека укажувањето е доставено со оглед на „последните случувања, односно сообраќајната несреќа со фатални последици по животот и последици по здравјето на повеќе наши сограѓани“.
Во дописот до училиштата особен акцент е ставен на почитувањето и доследна примена на одредбите од правилниците за организирање на ученичките екскурзии во кои, нагласува МОН, јасно и прецизно се уредени условите и критериумите кои правните субјекти, односно туристичките оператори, треба да ги исполнат и тоа да го докажат со достава на соодветна документација при пријавувањето на јавен повик.
-Посебно внимание е потребно да се посвети на исполнетоста на условите за превоз на групи деца согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за посебни технички барања на возилата со кои се превезуваат групи деца. Во интерес на учениците и подигнување на степенот на нивната безбедност и заштита, училиштата имаат можност да ги контактираат сите надлежни институции и органи доколку се појави потреба за какви било дополнителни консултации и сугестии, наведува МОН.