Голманот Дејан Милосављев беше прогласен за играч на натпреварот со 14 одбрани. ЕХФ го прогласи натпреварот во Загреб за меч на осмина-финалето во ЛШ, но од тоа остана за прогласувањето. На хартија требаше да биде дерби, а на терен беше ракометна лекција на „црвено-црните”. Со една нога Вардар е веќе во четвртфиналето на ЛШ, иако треба да се одиграат уште 60 минути реванш средба во Скопје на 30 март во 19,30 часот, стои на официјалната веб-страница на македонскиот ракометен шампион.
Од самиот почеток Вардар заигра одлучно, храбро, машки и прецизно јасно беше дека од Загреб ќе се вратиме со бодови. Даинис Криштопанс ги постигна првите три гола за Вардар, потоа тргна и Дејан Милосављев да брани, па веќе во 19 минута ППД Загреб мораше да бара тајм-аут. Доминираше Вардар на теренот, пред се со добрата одбрана. Затворени беа сите приоди кон Милосављев, а притоа и ривалот се држеше на дистанца и постигна само 6 за едно полувреме.
– Го одигравме натпреварот без Вуко Борозан, но и без неговата топовска десница имавме расположени играчи. Кристијан Дисингер на моменти покажа зошто беше своевремено светски талент и зошто играше во Кил. Скубе и Карачиќ ја излудуваа одбраната, а Стоилов и Мораеш „носеа” по двајца и тројца ракометари на грб. Загреб играше и многу погрубо, што се гледа од 10-те минути исклучување, наспротив две минути на Вардар, пишува на веб-страницата на Вардар.
Одбраната на Вардар како да го изненади ППД Загреб.
– Се што имавме замислено поминуваше и завршуваше со гол. Сезонава Вардар покажа дека на важни натпревари знае како треба да игра, и во Загреб не дозволи никакво изненадување. Во ниту еден момент домашните немаа ниту тронка надеже дека можат нешто да сторат. Главниот збор го имаше Вардар и се зависеше само од Вардар, велат вардарци.
„Десетката” во второто полувреме беше само потврда дека и физички и ментално Вардар е подготвен. Кога Загреб ќе се понадеваше дека може да фати приклучот, Парондо ја менуваше одбраната, и повторно Загреб беше во проблеми. Во 53 минута Мартин Поповски реализира за највисоката предност, 26-15.
„Распродадената” сала во Загреб предвреме почна да се празни како најава за дебаклот на ППД Загреб и триумфот на Вардар.
ППД Загреб – Вардар 18:27 (6-14)
ППД Загреб: Ристановиќ, Кастелиц, Мраковчиќ 3, Божиќ-Павлетиќ 1, Контрец 1, Буриќ 1, Сршен 1, Хорват 1, Поточник 2. Јотиќ, Равниќ, Мандиќ 5, Хрстиќ 1, Бичаниќ, Влах 2, Векиќ.
ВАРДАР: Милосављев (13 одбрани, 1 седмерец), Гедбан, Стоилов 1, Поповски 1, Криштопанс 5, Мораеш 4, Дисингер 3, Карачиќ 5, Скубе 1, Калараш 1, Чупиќ 3, Дибиров 2, Шишкарев 1, Борозан, Војводиќ, Кисељев.