Бројот на жртви во вчерашниот самоубиствен напад во авганистанската провинција Нангархар, за кој одговорноста ја презеде „Исламска држава“, достигна 36, соопштија денеска локалните власти.
Напаѓачот се разнесе со автомобил бомба за време на заедничка прослава на Рамазан Бајрам на талибанци, авганистански владини војници и цивили, кои го прославуваа и примирјето по повод исламскиот празник, со кој се одбележува крајот на светиот месец Рамазан. Слични масовни прослави вчера имаше во Кабул и во уште неколку провинции и градови во земјата.
Повеќето од загинатите се талибанци, но загинале и владини војници и цивили, кои присуствувале на прославата. Повредени се најмалку 65 лица.
Инцидентот се случи кусо време откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани рече дека владиниот осумдневен прекин на огнот со талибанските бунтовници ќе продолжи. Талибанците самите најавија тридневен прекин на огнот. Така, за првпат по години, жителите на земјата можеа да излезат мирно на улиците и да слават без страв.
Осумдневното примирје што го објави Владата завршува во среда. Талибанците се уште не одговориле на предлогот на претседателот да негово продолжување. Но, по синоќешниот бомбашки напад, веднаш откако соопштија дека немаат никаква врска со тоа, нивната команда им забрани на талибанците да учествуваат на јавни собири, да влегуваат во градовите и да се среќаваат со локалните жители или со владини војници и офицери, за време на примирјето.