Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска предупреди дека неговата земја е подготвена за воена операција „со големи размери“ во Појасот Газа, додека Палестинците се подготвуваат да протестираат во голем број в сабота по границата.

Нетанјаху додаде дека ако Израел биде „присилен” на „голема кампања”, ќе пристапи „од позиција на сила и безбедност, бидејќи ќе ги исцрпи сите други можности”. Тој беше денеска во посета на единици на армијата.

Хамас во Појасот Газа и Израел се судрија оваа недела, засилувајќи тензии за нова војна.

Досега, тие војуваа трипати во Газа откако исламистичкото движење во 2007 година ја презеде власта во енклавата.
Газа и Израел очекуваат в сабота настан од висок ризик: жителите на Газа се повикани да протестираат во голем број долж границата за да ја одбележат првата годишнина од движењето што за една година придонесе за зголемување на тензиите.