-Мора да ставиме крај на овие претседателски избори, или да не дозволиме да се концентрира власта на едно место, во една партија, во две партии, во неколку партии, оти тоа се заканува да прерасне од тиранија на мнозинството парламентарно, да прерасне не само во авторитарен, туку во тоталитарен систем во кој што еден човек ќе рече држава- тоа сум јас, Македонија- тоа сум јас, но не е тој Македонија, туку вие сте Македонија, ние сме Македонија – истакна на митингот во Ѓорче Петров, Гордана Силјановска Давкова.
Силјановска меѓу другото кажа и дека ЕУ и НАТО се стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ.
-Далеку е европското сонце, ако овде истовремено имате селективна правда, реваншизам, ако само луѓето од опозицијата се пред судовите, ако не се гледаат пораките за економијата, ако има криминали, тогаш тоа не е европска слика, тоа е балканска слика која што мора да се смени од луѓе со европски дух и идеали, а тие се не реал-политиката, туку право и правда.
Инаку, митингот се одржа попладнево во прилично еуфорична атмосфера, а Силјановска го нарече Ѓорче „најреволуционерна општина“.
Пред граѓаните на Ѓорче Петров, Силјановска истакна дека е загрижена поради анкетите кои покажуваат намалена приврзаност кон Европската Унија и НАТО, а тоа е само поради една причина бидејќи актуелната власт ги злоупотреби Европската Унија и НАТО во најбесрамното референдумско прашање.
-Ова го кажувам за граѓаните Македонци бидејќи кај нив е најголем падот, не затоа што тие не се идентификуваат со ЕУ и со НАТО, туку затоа што оваа власт ги злоупотреби ЕУ и НАТО во најбесрамното референдумско прашање.
Таа додаде дека уставот на Република Македонија предвидува задолжителен референдум за влез во Европската Унија, но не и за членство во НАТО, потенцирајќи дека СДСМ наместо цврсто да застане и да ги праша граѓаните дали се за промена на уставното име на државата таа ги искористила ЕУ и НАТО а со тоа и го жртвувала името на Република Македонија.