После повеќе од еден месец преговори за судбината на СЈО и новиот закон за Јавно обвинителство, премиерот Зоран Заев денеска неумешно се обиде на јавноста да и „продаде“ спин дека власта е конструктивна и прифатила дел од барањата на опозицијата, иако клучното „барање“ за кое говореше Заев, всушност не е барање на ВМРО-ДПМНЕ, туку предлог од власта инкорпориран во Законот кој го предложија Министерството за правда и министерката Рената Дескоска.
На почетокот на март, Министерството за правда го претстави новиот предлог закон за Јавно Обвинителство, според кој бомбите како докази ќе може да се користат само за случаите покренати пред 30-ти јуни 2017-та година, а за сите истраги отворени после овој период истите ќе бидат само индиции, но не и докази.
-Во сите случаи за кои СЈО поднесе обвинение до 30 јуни 2017 година како докази можат да се користат прислушуваните разговори. За истрагите и предметите отворени по овој датум ќе мора да бараат други докази. Ова го предвидува Предлог Законот за Јавното обвинителство кој денес беше изгласан на владина седница, а со кој се регулира статусот, автономијата и надлежностите на СЈО, стоеше во Предлог законот изработен од Министерството за правда.
Повеќе од еден месец подоцна, период во кој се остварија неколку средби меѓу работните групи на власта и опозицицијата, претседателот на Владата Зоран Заев денеска излегува со апсолутно нелогична и апсурдна изјава, во која тврди дека го прифатиле барањето на ВМРО-ДПМНЕ, бомбите да не бидат докази за случаите отворени по 30-ти јуни 2017-та година, за кои патем Врховниот суд донесе начелно мислење дека СЈО незаконски и неовластено ги отворило.
Заев денеска на работилницата „Гаранција за млади“ во организација на Агенцијата за млади и спорт, излезе со изјава дека изработена е нова верзија за законот за СЈО, во која, како што нагласи, „во одредени сегменти се прифаќаат голем дел од сугестиите на ВМРО-ДПМНЕ и веќе се испратени до претставникот на најголемата опозициска партија“.
Она што Заев денеска низ мала врата се обиде да го протне во јавноста е дека било прифатено барањето на опозицијата бомбите да не биле докази за случаите покренати после 30-ти јуни 2017-та година, со што сакаше да прикаже дека власта е конструктивна и прифаќа дел од барањата на опозицијата.
-„Бомбите“ или т.н. материјали за неовластено прислушкување нема да бидат во ова доказна постапка во идното работење на Јавното обвинителство во Република Северна Македонија. Таму јасно стои во членот 105, ставот 4, дека „бомбите“ веќе нема да бидат во доказната постапка, а материјалните докази нормално дека постојат, тие се живи, рече Заев.
Заев појасни дека „бомбите“, што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО, ќе продолжат и натаму да се користат, додека за предметите после 30 јуни 2017 година тие нема да бидат докази во постапките.
„Бомбите“ да не бидат докази е предлог на власта, а не барање на ВМРО-ДПМНЕ
Фактите говорат дека оваа изјава на Заев е целосно иста со предлог законот изработен од СДСМ и ДУИ, во кој стои бомбите да не бидат докази во случаите покренати после 30-ти јуни. Ова значи дека предлогот бомбите да не бидат докази не е барање на ВМРО-ДПМНЕ (и како такво не може да биде прифатено), туку предлог на СДСМ и ДУИ кој сега власта го претставува како барање на ВМРО-ДПМНЕ кое го прифатиле.
Од преговарачкиот тим на опозицијата, за ДЕНЕШЕН како апсолутно неточни ги оценуваат ваквите изјави на Заев, и додаваат дека предлогот бомбите да не бидат докази се дел од првичниот предлог закон на власта, а не нивно барање. Според извори од преговарачкиот тим, предмет на преговарање е судбината на тие истраги, за кои Врховниот суд одлучи дека СЈО незаконски и неовластено ги покренал.
Извори од преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивното барање во однос на тие истраги во никој случај нема за цел нечија амнестија, туку власта да ја прифати реалноста дека тие истраги се покренати од неовластен тужител, истите да бидат запрени, а подоцна доколку има докази овластен тужител повторно да може да постапува за истите.