Оние кои беа неопределени пред парламетарните избори, а потоа ја дадоа поддршката за СДСМ очекувајќи ги ветените промени, очекувам овој пат да бидат остри кон СДСМ, очекувам да го казнат СДСМ и да не гласаат за кандидатот Стево Пендаровски, рече Зоран Јованоски, кој беше и дел од протестите на Шарената револуција, како гостин на Искра Коровешовска во вечерашната емисија „Отворено“.
Според него не се спроведува ниту идеологијата, ниту основата од она што се ветуваше во протестите за примена на власта. А за сето тоа, укажува тој, требаше само политичка волја, ништо повеќе, ниту пари, ниту ништо посебно.
-Ништо не ни почна да се спроведува, немаа волја. Тие не направија ништо, покажаа и дека не знаат да прават. Она што го гледаме и што направија е дополнителна партизација, а не европско општество каде сите ќе имаат еднакви шанси, рече Јованоски.
Јованоски вели дека ниту непотизмот не е казнет, напротив според него само дополнително е истакнат. Сето ова, како што вели Јованоски, придонесе да нема сега волја за било каков активизам за промени, народот е многу исцрпен.
-Сега нема ниту една критика од нив, не гледаат што прават. Тие само продолжија со лоши политики, рече Јовановски.
Тој укажува дека граѓаните две години ги гледаат премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни Никола Димитров како трчаат да го сменат името, и оти и сега во кампањата кандидатот Стево Пендаровски говори за реформи кои не се ни на повидок.
Дополнително владините претставници само го лажеа народот дека Договорот од Преспа е клучен.
-Но, не е така. Патот кон ЕУ е сложен и бара многу работа, и не треба само законодавство во согласнот со ЕУ, туку треба и почитување на истото, а тоа го нема во Македонија, вели Јованоски.