Љупчо Цветановски

Стара финта, нова будала… Ова би бил најкусиот опис на Заевата фејк прикаска со најавата за наводно чистење во владините редови. Нејсе што вети чистење уште пред две години, на дотични двајца корумпирани министри. Но и тогаш, како и сега, изненадување ќе беше тоа да го стореше. Вака, си излажа, што е и нормално за него, не го оствари  ветеното, па се’ си е „у реду.“ Оти, тоа тогаш и не би бил Заев, нели. Па нели бре и име и Устав немаше да мења, не па министри… Повторно, пак, како и во сите спинерски комуњарски прикаски од кујната на екс Бихаќка, улогата на будалата е резервирана за народот. Знаете, онаа стоката и остала неопределена багра. Искрено, во целата папазјанија, едно нешто многу ми се допадна кај Заев. Метлата Дацова. Да, метлата му стоеше, ама ко саливена бре! Оти, не заборавајте, доаѓа од  директорче во струмички Комуналец, па стана градоначалниче, па  – оп, премиерче. Се’ во деминутив, ама добро му прилега. Што би рекле: Зоки пак у комуналец, Стево пак у претседателски лузери. Е, ај сега речете дека историјата не се повторува…

Навежбаниот комуналџија Зоки ќе ја „чистел“ владата?! Уууу, Македонија силно се потресе од најновата северотопијска диверзија. Кој знае колку во „Роко, Рада & компани“ се мислеле, туфкале и пуфкале за овој очајнички, евтин и проѕирен потег. Па не бадијала постојано тврдат дека биле „транспарентна“ влада. Во буквалната смисла на транспарентноста – провидни, ама „скроз“ проѕирни. И сега ќе чистеле, па одговорност да ти преземел и Шилегов?! Епа, добро тогаш, ај да гласаме за Стево, нели? Ц,ц,ц,ц,ц…  Јако, невидено и толку билмески осмислено. Сега, демек, ќе се опраат и на вистинскиот пат ќе се ставеле?

Ало, дечки, доста спинувате, аман! Не ве казни народот со повеќе од 200.000 гласови мањак у коалиција поради киксовите и сурушкиот ефект на два-тројца министри. Јок. Има улога и влијание, дефинитивно, ама големиот влог е поинаков. Ве казни и тек ќе казнува поради северотопијската прикаска, поради лесноумната и со насмевки пропратена промена на најсветото. Ве плесна поради промената на името, Уставот, поради негирањето на Егејците, поради менување на историјата, поради леснотијата на бакнување пенкала, поради гушки насмејани со менување машни, поради неинтонирање химни, поради Гоце, Прличев, Кирил и Методиј, поради двојазичност итн, итн, итн…

Списокот е неверојатно долг, а за потребите на вистинска катарза и чистење, таква метла се’ уште не измислиле ни оние од ридот. На страна што токму тие на 5 минути пред молкот, пуштија анкета во која Гога тепа, ама јако. Ви откажа ли некој љубов и внимание, чеда опортунистички во парите возљубени?

И ај сеа, ќе глумиме лудило и се’ ќе биде океј. Као, прошка барале, грешки ќе исправале, па прогнозерот метлаџија Зоки стотче во илјади за победа тресе од ракав, па блеферката Рада ќе барала одговорност и разбирање од секој кој ги разочарал граѓаните, па статистот Стеки не’ потсетува дека режим срушиле, па Богоевски не гледал логика во казна за претходниот во неработата на владата, па Шилегов ќе коленичи дека бил виновен?! Абе ајде… Го заменивте ли Холивуд со Боливуд? Ај нека капне Вицето некоја шушка од марата за нови сценарија, вака зезате и народна интелигенција навредувате…

Навистина, им откажа ли сценаристот  ридски, па сега со свои скромни интелектуални сили и ум тераат? Се обидуваат ли сега, онака комуњарски, да го убедат народот, на кој и онака им текнува и им  треба само за избори, дека Стеки е чист, абе  солза, а тие згрешиле. Као не го казнувајте праведникот, камењата кон Зокија фрлајте ги, повтарачот кандидат е невин?! Па уште ли ќе не лажат дека не е во СДСМ, дека е независен кандидат? Ќе треба ли да заборавиме дека цела Шарена на нозе ја истера, дека беше носител на единица на изборите, па пратеник навреме тргнат во координатор на НАТО за да не се извалка „скроз“ со менувањето на името, уставот и историјата? Демек и тоа беше случајно, нели…

Мада, идејата за чистење и не им е така лоша… Непобитен факт е дека Македонија има итна потреба од катарза. На овој напатен, гневен народ  под итно му треба едно силно прочистување, што побрзо воспоставување на душевна рамнотежа. Башка етичко, башка душевно, на страна национално прочистување. Јап, Македонија и Македонците, едноставно, плачат за една силна катарза. Но од Зокија ли спроведена? Јок. Иако, идејата во основа им е добра.

А ако се сериозни (првпат во животот), ајде бујрум. Навистина, би било прекрасно да исчистите се’ што извалкавте во овие две години. Да ги исчистите и вратите на старо сите антинационални потези, се што умрљавте со вашите валкани опортунистички рачиња, башка, се’ за и само за една пуста фотелја. Исчистето го името, исчистете го Уставот, исчистете ја историјата, исчистете ја администрацијата од партиските војничиња, исчистете го и Фондот за иновации. Ајде, зачистете си ја и фотелјата де. Гарантирам, дека доколку тоа го сторите, Стеки ќе ви „тепа“ на избори. Но таква метла, крпи и средства, за наша жал, не измислиле, како што и такви црепови ко некои во нивните редови, мајка еднаш раѓа. Некој друг, подобро ќе зачисти од вас. А кој подобро би го започнал сето тоа чистење од една стамена жена?

Така, за да ве исчистат од политичката сцена и барем за да ја зачистиме нанесената валканост и љага која ја истуривте врз Македонија, првиот чин во прикаската чистачка, која ќе ја изведува некој друг, а се вика НАРОД (не СТОКА, Стеки),  ќе биде на 5-ти мај. Убаво велите, Зоки, Рада и остали, поради иднината. Да, токму поради неа, за да воопшто и ја има, народот кој трпеше и тлееше ќе ве „исчисти“ од власт. Дефинитивно, крајно време е за едно пролетно чистење, една катарза, башка проветрување, башка орање… А несудениот прецедник ви, нека проба трета среќа во април или мај, ама 2024-та…

И така, конечно, Зоки за првпат е во право. После многу, многу време. Апсолутно, Зоки, на Македонија и треба ЧИСТКА, потребна е повеќе од секогаш. Браво Зоки, конечно, во право си! Треба да се „исчистите“ од Илинденска бр.2. Ама, под итно!