За време на апостолската посета на папата Франциск, на територијата на град Скопје и правецот од Меѓународниот аеродром Скопје до центарот на градот, на 7 мај ќе важат посебни сообраќајни правила за движење на автомобили, како и посебни правила за движење на пешаците низ центарот на Скопје, информира Координативното тело за организирање на посетата на папата на Република Македонија.
Наведувајќи ги посебните сообраќајни правила на движење на автомобили во централното градско подрачје во Скопје, од координативното тело посочуваат дека во централното градско подрачје во Скопје, поточно појасот „Голем ринг”, на 7 мај од 6 часот до 19 часот ќе има забрана и ограничување на сообраќајот и тој ќе биде пренасочен на сообраќајниците околу центарот во Скопје, со цел негово непречено одвивање.
Поточно, во овој временски период ќе се формира „Рестриктивна зона” на движење, во која за автомобили целосно ќе бидат затворени сообраќајниците: ул. „11-ти Октомври” од крстосницата со бул. „Кочо Рацин” до крстосницата со ул. „Димитрие Чуповски”, ул. „Даме Груев“, ул. „Македонија”, ул. „Васил Главинов”, ул. „Филип Втори Македонски”, ул.„Св. Климент Охридски” (адвокатска) и ул. „Иљо Војвода”, информираат од Координативното тело.
Министерството за внатрешни работи, како што се посочува, го задржува правото за стационирање (стопирање) на сообраќајот во кратки временски интервали и на други сообраќајници, во времето на движење на папата низ Скопје.
Сообраќајници по кои ќе биде дозволено движењето на возилата кои се движат во редовен сообраќај со цел да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот за време на официјалната посета на папата, се: бул.„Кочо Рацин”, ул. „11-ти Октомври” од крстосницата со бул. „Кочо Рацин” до крстосницата со бул.„Борис Трајковски”, ул.„Св.Кирил и Методиј”, бул. „Св. Климент Охридски”, бул.„Партизански одреди”, ул.„Самоилова” и бул.„Гоце Делчев”.
Од Координативното тело апелираат до граѓаните на трпеливост и почитување на поставената сообраќајна сигнализација и наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје, во зоната „Голем ринг“, доколку сакаат да ги користат своите возила на 7 мај, од Координативното тело апелираат истите да ги извадат надвор од рестриктивната зона на 6 мај, а во спротивно тој ден нема да можат да ги извадат од зоната за време на посебниот сообраќаен режим од 6 до 19 часот.
Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај после 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден.
Од Координативното тело апелираат до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места и да избегнуваат користење на автомобили. Користењето на автобусите на ЈСП на територија на Град Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација. Посебниот автобуски возен ред за 7 мај наскоро ќе биде објавен на веб-страната на ЈСП www.jsp.com.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk како и на официјалната веб-страна за посетата на папата Фрациск www.papa.mk.
Во врска со посебните сообраќајни правила на движење на автомобили на трасата од Меѓународниот аеродром Скопје до централното градско подрачје на Скопје на 7 мај, од Координативното тело наведуваат дека во временските интервали од 07:30 часот до 9 часот, како и од 17 часот до 18.30 часот, сообраќајот по бул.„Александар Македонски“ од излезот на Скопје во Автокоманда, кон аеродромот, ќе биде затворен во двете ленти на булеварот и ќе биде пренасочен по споредни сообраќајници.
На трасата Велес – Скопје, во овој временски интервал, сообраќајот за влез и излез во Скопје ќе се одвива преку трасата Миладиновци- Идризово – Маџари. На трасата Куманово – Скопје, на клучката Миладиновци [кај Рафинеријата], сообраќајот ќе се пренасочува кон Обиколницата на Скопје, на која прв дозволен влез во градот Скопје ќе биде на клучката кај Радишани. На трасата Куманово-Велес ќе има кратко стационирање (застој на сообраќајот), во двата посочени временски интервали, потенцираат од Координативното тело и апелираат до сите граѓани кои планираат да поминуваат на овие три правци, да излезат од своите домови еден час порано од претходно планираното, со оглед што движењето по споредните сообраќајници може да трае подолго од планираното. Истото важи и за сите граѓани кои на 7 мај имаат лет преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Се апелира сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз. На 7 мај железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатен за сите граѓани. Посебен возен ред на возови за 7 мај ќе биде објавен на сајтот на Железници на Република Северна Македонија www.mzt.mk, Град Скопје www.skopje.gov.mk , како и на официјалната веб-страна за посетата на папата Фрациск www.papa.mk.
Во врска со посебните правила за движење на пешаци во централното градско подрачје на Скопје на 7 мај, од Координативното тело посочуваат дека за време на посетата на папата во централното градско подрачје (познато како Мал ринг), за сите граѓани ќе биде непречено, но забавено, бидејќи овој појас ќе биде строго обезбедена зона. Тоа значи дека сите граѓани кои ќе пристапат во оваа зона во периодот од 6 часот до 19 часот на 7 мај ќе мора да се идентификуваат со важечки документ за идентификација и да поминат низ безбедносни проверки. Поради тоа, апелираат сите граѓани кои работат во оваа зона, да ги напуштат своите домови половина час порано од вообичаено на патот кон работното место, со цел да стигнат навреме.
Во зоната „Мал ринг“ ќе се пристапува преку осум влезови на кои МВР ќе врши безбедносна проверка на сите граѓани, како и проверка на лична карти или пасош. Ова се единствените влезови во кои ќе се пропуштаат граѓаните кои ќе се упатуваат кон Плоштадот Македонија: кај Управен суд на ул.„Орце Николов”, кај хотел Мериот на ул.„Максим Горки”, кај кафе Тренд на ул.„Димитрие Чуповски”, кај Министерство за финансии на ул.„Даме Груев”, кај Завод за статистика на ул.„Даме Груев”, кај Пелагонија на ул.„Димитрие Чуповски”, кај Порта Македонија на ул.„11 Октомври”, на предната страна од ГТЦ кон Плоштад.
Од Координативното тело апелираат до сите граѓани кои ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“ за учество на литургијата на папата, да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот потребно е да се чува со себе се до крајот на литургијата. Пешачките мостови на реката Вардар (Камениот мост, Мостот Око и Мостот на уметноста) ќе бидат целосно затворени за движење, како и Кејот „13 Ноември” од двете страни на реката.
Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребна влезница за учество на литургијата. Пристапот за моторни возила, велосипеди, мопеди и слично е забранет во обезбедената зона „Мал ринг“, наведуваат и Координативното тело и потенцираат дека 7 мај е работен ден при што за сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени потребните услови за работа.
Линк до мапата за движење за време на престојот: http://bit.ly/MapaZaPosetata